Со настап на триото на 11-годишниот пијанист Теодосиј Поповски, на 19 ноември во скопскиот рок-бар „Русти“ ќе почне седмото издание на Котон блуз фестивалот. Програмата на двете фестивалски вечери, на 19 и 26 ноември, носи пет концертни настапи и изложба на Игор Станоески.
Поповски, кој според организаторите е најмладиот учесник во досегашните изданија на фестивалот, со своето трио ќе ја отвори првата вечер со современа џез-фузија. Младиот пијанист годинава настапи и на џез-фестивалот „Нишвил“ во Србија. По него ќе настапат скопскиот „Гуру Харе бенд“, предводен од Игор Атанасовски – Харе, и американскиот „Ласт хаус“. Во составот, кој спојува рутс-рок, кантри и блуз, пеe Џенет Хурадо од „Експозе“, а на тапани е Мајк Зербе, кој свирел со „Ер саплај“. Читај бе

На 26 ноември ќе настапат српско-романското трио „Аксис“ (AXiS), кое свири класичен рок со блуз влијанија, и бразилскиот гитарист и пејач Артур Менезес. Менезес, кој живее и работи во Лос Анџелес, годинава ја доби наградата „Изведувач на годината“ на „Unsigned Only Music Awards“ за песната „Once Again“. Двапати настапил и на гитарскиот фестивал „Кросроудс“ на Ерик Клептон. woerthersee.com

Изложбата на Игор Станоески ќе ја придружува програмата во двете вечери. Фестивалот е најавен со почеток во 20:30 часот.