Клементина Петрушевска, воспитувачка во ЈОУДГ „Весели цветови“ – Кисела Вода
- До крајот на јануари идната година, на странците на „Колибри“ ќе имате можност одблиску да се запознаете со носителите на признанието „Просветен работник на годината 2025/2026“ што го доделуваат Сојузот на просветните работници на Македонија и Министерството за образование. На исти прашања, просветните работници одговараат на свој начин, од свој агол, давајќи мотив за успех, знаење и за напредок
Клементина Петрушевска зад себе има повеќе од дваесет години посветена работа како воспитувачка во предучилишното образование, со континуиран придонес во воспитувањето, образованието и во целокупниот развој на децата.
Таа е добитничка на повеќе награди и признанија на регионално ниво, меѓу кои се „Најдобар наставник во земјите од поранешна Југославија“ во 2022 година и „Просветен работник на градот Скопје“ за 2022/2023 година, доделени за професионални достигнувања и креативен придонес во работата со деца од предучилишна возраст.
Исто така, таа е добитничка на Европска награда за квалитет за проект за деца од предучилишна возраст, со специјално признание од „Е-твининг“ (eTwinning) и од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, како и на национална награда за квалитет.
Воспитувачката Климентина има успешни реализации и учества во локални, национални и меѓународни проекти, со примена на иновативни воспитно-образовни практики, креативни активности и современи пристапи во учењето преку игра. Авторка е на проза и поезија објавени во детски списанија и во изданија од литературата за деца. Исто така, таа е авторка на детски песни изведени на музички фестивали, како и на аудиоприлози во списанија за деца.
Која е најважната лекција што ја научивте додека бевте ученичка?
Уште во училишните денови научив дека трудот, истрајноста и љубопитноста се клучот кон успехот. Со текот на годините сфатив дека учењето никогаш не завршува и дека секој човек, без оглед на возраста, може да нè научи на нешто ново. Оваа лекција ме следи и во мојата повеќегодишна работа како воспитувач.
Што е за вас добар воспитувач?
За мене пример за добар воспитувач е човек што воспитува со љубов, поучува со личен пример и секое дете го гледа како посебна личност со сопствени способности и потенцијали. Тоа е личност што знае да слуша, да охрабрува и да создава средина во која детето се чувствува безбедно, прифатено и вреднувано. Вистинскиот воспитувач не ги наметнува одговорите, туку ги поттикнува децата самостојно да истражуваат, да размислуваат и да откриваат. Во мојата работа се водам од принципите на Монтесори-педагогијата, програмата за ран детски развој и програмата за социоемоционала поддршка и развој. Верувам дека најдобриот воспитувач е оној што остава трага не само во знаењето на детето туку и во неговото срце.
Ако можеше да се смени професија на еден ден, што би биле?
Ако можев да ја сменам професијата на еден ден, би сакала да бидам авторка на детски приказни и песни што ќе го поттикнуваат детскиот свет на фантазијата, љубопитноста и добрината. Креативноста отсекогаш била важен дел од мојата професионална работа преку пишување, музика, драматизација и различни воспитно-образовни проекти.
Која мисла ве води низ животот?
Мислата што ме води низ животот е дека секое дете заслужува да биде видено, слушнато, прифатено и охрабрено да верува во себе. Верувам дека со љубов, знаење и посветеност можеме да направиме вистинска промена во животите на најмладите.

По што ги паметите вашите ученици?
Ги паметам по нивните први успеси, по моментите кога ќе надминат страв, ќе стекнат нова вештина или ќе му подадат рака на другарче. Секое дете остава посебна трага во моето професионално и лично искуство, бидејќи секое од нив ме научило нешто ново за животот. Во мојата работа, преку играта, песната, приказните, истражувањето и проектите, се трудам да создавам спомени што ќе ги следат и по заминувањето од градинката.
Која е најважната лекција што сте ја добиле од нив?
Најважната лекција што ја добив од децата е дека љубовта, искреноста и радоста се наоѓаат во наједноставните нешта. Тие ме научија дека треба да бидеме љубопитни, да поставуваме прашања и да не се плашиме да го погледнеме светот од поинаква перспектива. Од нив научив дека грешките не се неуспех, туку можност за учење и нов почеток.
А, од колегите?
Најважната лекција што ја научив од колегите е дека вистинскиот професионален успех се гради преку соработка, меѓусебна почит и споделување на знаењето и искуствата. Секој колега носи сопствени идеи, способности и пристапи што можат да нè инспирираат и да нè поттикнат да бидеме подобри. Затоа верувам дека секое признание е лична чест, но и поттик за целата професионална заедница да продолжи да создава, да учи и да напредува.
Што би смениле во денешниот воспитно-образовен систем?
Во денешниот воспитно-образовен систем би ставила поголем акцент на учењето преку игра, истражување, креативност и непосредно искуство, особено во предучилишната возраст. Би се залагала за поголема поддршка на индивидуалниот развој на секое дете, со посебно внимание на социоемоционалните вештини, емпатијата, самостојноста и менталната благосостојба. Сметам дека на воспитувачите треба да им се овозможат повеќе услови за континуирана едукација, професионална автономија, размена на искуства и реализација на иновативни проекти. Би ја зајакнала и соработката меѓу градинката, семејството и пошироката заедница, бидејќи развојот на детето е заедничка одговорност. Најмногу би сакала системот да препознава дека квалитетното предучилишно образование не е само подготовка за училиште туку темел за среќна, самостојна и одговорна личност.
Што ви е најважно да им пренесете на учениците?
Најважно ми е да им пренесам на децата дека секое од нив е вредно, единствено и способно да направи нешто убаво и значајно. Сакам да научат да ги почитуваат другите, да ги препознаваат и да ги изразуваат своите чувства, да помагаат и да веруваат во сопствените можности. Ако по заминувањето од градинката во нив останат самодоверба, емпатија, радост од учењето и убав спомен од нашето заедничко време, ќе знам дека сум исполнила една од најважните животни мисии.
































