Фото: МВР/илустрација

Основниот суд во Охрид му одреди притвор до 30 дена на 31-годишниот охриѓанец К.К., обвинет за напад врз 26-годишна девојка, што се случил на 15 ноември.

Основното јавно обвинителство Охрид претходно поднесе обвинение против него за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Според Обвинителството, обвинетиот при вршење семејно насилство, противправно ја затворил оштетената, физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.

Во текот на истрагата, јавниот обвинител ја испитал оштетената во присуство на претставници на социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за видот и карактерот на повредите.

Заедно со обвинението, Обвинителството до Основниот суд во Охрид доставило и предлог за определување притвор, земајќи ги предвид околностите утврдени во предметот.

Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека СВР Охрид поднело кривична пријава против К.К. (31) поради сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.

Според информациите од МВР, на 15 ноември околу 2 часот по полноќ, по расправија што започнала во неговиот дом, а продолжила во автомобил, осомничениот физички ја нападнал својата 26-годишна девојка од охридскиот регион.

Откако го запрел возилото, тој продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала. Таа била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Свети Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.