Фото:Ка.М

Бројот на предвремено родени деца се зголемува секоја година. Точната причина за порастот не е позната, а во прилепската болница континуирано им се дава поддршка на родителите. На денешниот настан во болницата, родителите повторно имаа можност да ги изнесат своите потреби. Беше покрената иницијатива болницата да добие нова приемна соба, а родителите на предвремено родените деца да добијат еднократна парична помош.

Директорот на болницата Кире Јоноски посочи дека целта е да се обезбедат услови за прием и континуирана грижа за предвремено родените бебиња. Според д-р Билјана Кржеска, специјалистка по гинекологија, едно од десет новороденчиња во прилепската болница е родено предвреме.

– Годинава имаме 40 предвремено родени бебиња. Две се родени во 30. недела, две во 29., две во 33., 12 во 34. и 35. недела, а 20 во 36. недела. Подготвени сме да ги примиме предвремено родените бебиња, за кои се грижат неонатолозите. Имаме два инкубатори за предвремено родените бебиња, особено за оние родени по 34. недела. Оние што се родени пред 34. недела се упатуваат во Скопје за понатамошна грижа. За новороденчињата што остануваат тука обезбедуваме целосна грижа, а нашиот кадар постојано се усовршува – посочи д-р Кржеска.

Пратеничката Билјана Кузманоска најави еднократна парична помош за родителите на предвремено родените деца и посочи дека таа ќе биде облик на институционална поддршка.

Градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски го поддржа настанот и ја истакна поддршката на локалната самоуправа, потсетувајќи дека Општината веќе им исплаќа еднократна парична помош на родителите на новороденчиња. Ка. М.