Фото: Пиксабеј

Иранската револуционерна гарда соопшти дека два товарни брода удриле во поморски мини во Ормускиот Теснец, при што дошло до експлозии.

Според соопштението на воената организација, пловилата – супертанкер натоварен со нафта и танкер за гас – удриле во мините неколку часа претходно.

Во соопштението се додава дека двата брода биле придружувани од „голем број американски борбени авиони“. На видеата објавени од Револуционерната гарда се гледаат големи пожари на море.

Според ДПА тврдењето на иранската гарда не може независно да се потврди.

Израел и САД ја почнаа војната против Иран кон крајот на февруари. Како одговор, иранските сили со закани и напади практично го блокираа бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец на подолг период.

Американската војска веќе неколку месеци придружува цивилни пловила во обид да ја обнови трговијата со нафта и течен природен гас.