Федерален суд во САД го отфрли планот на американската влада за воведување временски ограничувања за престојот на странските студенти, истражувачи и новинари во земјата, објави германската новинска агенција ДПА.
Судот оцени дека предложените мерки на Министерството за внатрешна безбедност се „произволни и неразумни“, претставуваат злоупотреба на дискреционите овластувања и не се во согласност со законот. Нивното спроведување претходно беше привремено блокирано во септември, кога беше издадена прелиминарна забрана.
Судијата ги оцени како неубедливи аргументите на Министерството дека ограничувањата се неопходни за заштита на националната безбедност и спречување измами. Тој, исто така, заклучил дека трошоците за спроведување на предложените правила би ги надминале нивните потенцијални придобивки.
Американската влада веќе поднесе жалба на претходната одлука со која беше изречена привремената забрана, а има можност да ја обжали и најновата пресуда.
Според отфрлениот предлог, странските студенти и истражувачи би можеле да престојуваат во САД најмногу четири години, додека за новинарите би важело ограничување од 240 последователни дена. Предвидена беше и можност за поднесување барање за продолжување на престојот додека апликантите сè уште се наоѓаат во земјата.
Тужбата против предложените ограничувања ја поднесе коалиција составена од претставници на универзитети, образовни организации и синдикати.
Визите за странски студенти (F), учесници во програмите за размена и истражувачи (J), како и за новинари (I), со години не беа предмет на фиксни временски ограничувања. Нивните носители можеа да останат во САД сè додека траел нивниот одобрен статус. Така, на пример, странските студенти имаа право на престој за времетраењето на нивните студии.


































