ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА ВО СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
По неверојатната рекордна сезона во скијачки скокови на Домен Превц, талентите во подем заедно со ветераните ќе се обидат да ја запрат навидум ненадминливата низа на успеси на Словенецот, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС), во пресрет на новата сезона во Светскиот куп (СК), која почнува денеска во Лилехамер (Норвешка).
Во период од 12 месеци Превц го комплетира т.н. гран-слем во кариерата, освојувајќи титула на Светското првенство (СП) во нордиско скијање и на СП во скијачки летови, потоа трофеи на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ и во Светскиот куп, како и два златни медала на Зимските олимписки игри (ЗОИ). Не е изненадувачки што тој ќе влезе во сезоната како фаворит за одбрана на кристалниот глобус, но, сепак, како што добро знаат љубителите на спортот, има мноштво нови сили, како што се освојувачите на олимписки медали годинава Филип Рајмунд (Германија) и Каспер Томасјак (Полска), како и веќе докажаните шампиони Рјоју Кобајаши (Јапонија) и Стефан Крафт (Австрија), пишува ФИС.
Сезоната на скокалницата од ЗОИ 1994 ќе почне со натпреварот во мешани тимови денеска (од 16 часот), пред два индивидуални натпревари утре (14.35 ч. за жени, 16.50 ч. за мажи) и в недела (12 ч. за жени, 16 ч. за мажи). Организаторите имаа корист од неодамнешните снежни врнежи, но ќе го користат снегот што е складиран за подготовките на скокалницата. Тие го опишуваат снегот како „добар квалитет“ со „цврста и конзистентна текстура“ што ќе биде „идеална“ за натпревари, пишува ФИС, кој пред новата сезона, во која ќе има и СП во нордиско скијање, издвои некои од ѕвездите, како Домен Превц, Филип Рајмунд, Даниел Чофениг, Рјоју Кобајаши, Рен Никаидо, Каспер Томасјак, Стефан Ембахер, Стефан Крафт, Анже Ланишек, Јохан Андре Форфанг, Мариус Линдвик, Грегор Дешванден, Ноаки Накамура… Н.М.
Историска сезона во скијачки скокови за жени
Значајна сезона во Светскиот куп (СК), која почнува денеска во Лилехамер (Норвешка), ги очекува водечките во скијачки скокови за жени, кои конечно ќе имаат можност да се натпреваруваат на новогодишната турнеја „Четири скокалници“, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Историскиот настан го продолжува позитивниот замав изграден од два дополнителни значајни моменти во минатата сезона, во која жените првпат се натпреваруваа за златен олимписки медал на голема скокалница и за првиот кристален глобус во СК во скијачки летови.
Сезонава ќе има и рекорден број натпревари во СК, 36, што првпат е поголем број од оние за мажи, пишува ФИС, која меѓу ѕвездите ги издвои Ника Превц, Ана Одине Стром, Нозоми Марујама, Еирин Марија Квандал, Лиса Фетнер, Фрида Вестман, Селина Фрајтаг, Абигејл Стрејт, Ингвилд Синоеве Мидскоген, Теа Мињан Бјерсет… Титулата во Светскиот куп ја брани Превц, која тој трофеј го освои и во сезоните 2023/2024 и 2024/2025. Сезоната почнува со натпреварот во мешани тимови денеска (од 16 часот), а индивидуалните натпревари се утре (14.35 ч. за жени, 16.50 ч. за мажи) и в недела (12 ч. за жени, 16 ч. за мажи). Н.М.
































