Фото : Microsoft

Извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, предупреди дека вештачката интелигенција може да доведе до почести технолошки прекини, бидејќи компаниите се соочуваат со зголемен притисок да одговорат на заканите за кибербезбедноста.

Говорејќи на самит организиран од „Њујорк тајмс“, Надела посочи дека алатките за вештачка интелигенција сè побрзо ги откриваат софтверските ранливости, што ги принудува компаниите да реагираат и да ги отстрануваат безбедносните недостатоци во пократок рок.

Тој предупреди дека воведувањето безбедносни решенија кои не се темелно тестирани може да предизвика нови грешки и да ја наруши стабилноста на технолошките системи. Надела посочи дека прекинот во функционирањето на електронската пошта на „Мајкрософт“ на 13 ноември, кој погоди милиони корисници ширум светот, бил предизвикан од пропуст што не бил навреме откриен.

Надела истакна и дека „Мајкрософт“ има намера да понуди пакети за отпремнина на околу 60.000 вработени, додека компанијата продолжува со трансформацијата кон деловен модел заснован на вештачка интелигенција.

Тој оцени дека софтверското инженерство ќе продолжи да се развива и покрај напредокот на вештачката интелигенција, иако новата технологија го менува начинот на кој се организираат и функционираат програмерските тимови. Како пример го посочи развојот на агентот за вештачка интелигенција на „Мајкрософт“, „Cowork“, на кој, според него, моментално работи тим од само 11 програмери.