- Откако решив да продолжам да се тркам во Формула 1 со Астон Мартин, внимателно размислував за „Дакар“. На крајот, одлуката стана едноставна. Сакав целосно да го прифатам предизвикот. Формула 1 останува мој приоритет. Но јас сум тркачки возач, а предизвици како овој се причината зошто сакам да се натпреварувам. Со нетрпение очекувам да видам што можеме да постигнеме, рече Алонсо, кому ќе му се
придружи неговиот совозач Марк Кома, петкратен победник на релито „Дакар“ на мотор
Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо (45), ќе го предводи обидот на Астон Мартин да го освои релито „Дакар“ во јануари 2027 година, пишува „Би-би-си“. Шпанецот, кој вози за британскиот тим во Формула 1, претходно се натпреваруваше на ова престижно рели во 2020 година за Тојота.
Алонсо неодамна потпиша нов договор со Астон Мартин и е широко ценет како еден од најголемите таленти во историјата на мотоспортот. На релито „Дакар“ ќе му се придружи и неговиот совозач Марк Кома, петкратен победник на релито „Дакар“ на мотор, а беше и совозач на Алонсо во 2020 година, пишува „Би-би-си“.
Двата други автомобила ќе ги возат деветкратниот светски шампион во рели, Себастијан Леб од Франција и актуелниот светски шампион во рели, Лукас Мораес од Бразил.
– Откако решив да продолжам да се тркам во Формула 1 со Астон Мартин, внимателно размислував за „Дакар“. На крајот, одлуката стана едноставна. Сакав целосно да го прифатам предизвикот. Имам огромно почитување кон оваа трка и специјалистите што ја совладаа. Тоа што Марк повторно е покрај мене е многу важно, а со Астон Мартин, Продрајв, Себастијан и Лукас имаме исклучителен тим – рече Алонсо.
Ова ќе биде прво учество на Астон во познатата исцрпувачка и опасна трка и тие ќе се соочат со попознати тимови од релито „Дакар“, како што се Тојота и КТМ. Машините на Астон за „Дакар“ ќе бидат подготвени од Продрајв, кој имаше значителен успех во релито со Субару во 1990-тите и во 2000-тите години, пишува „Би-би-си“.
Алонсо дури би можел да учествува на познатата трка „24 часа Ле Ман“ во 2027 година, доколку му дозволат обврските од Ф1, каде што победи со Тојота во 2018 и 2019 година, пишува „Би-би-си“.
Релито „Дакар 2027“ треба да почне во Португалија на 9 јануари, а по завршувањето на 12 етапи целта е во Мароко на 23 јануари. Трката вклучува и други класификации на автомобили, како и камиони и мотоцикли.
На претходното учество на релито „Дакар“ Алонсо го освои 13-то место. Второто место на една етапа ги покажа неговото темпо и потенцијал, пишува „Би-би-си“.
– Формула 1 останува мој приоритет. Но јас сум тркачки возач, а предизвици како овој се причината зошто сакам да се натпреварувам. Со нетрпение очекувам да видам што можеме да постигнеме – рече Алонсо, пренесе „Би-би-си“. Н.М.
































