Деже Левенберг, Жетва во Македонија

Арт-лексикон (1)

Ја избрав 1950 година како горна временска граница во истражувањето на посетата на странските сликари во Македонија. Зошто? Во столетието пред 1950-та, Македонија поминува метаморфоза од идеја до Република. Оваа метаморфоза била болна. Тоа било столетие на војни, востанија, атентати, грабнувања, предавства и убиства, асимилации, погроми и раселувања.
Посетите на овие странски уметници на Македонија во тоа бурно столетие ги гледам како ретки искри на нормалност. Еден вид европска модерност во вителот на страдањата во периодот на македонската генеза. Нивните слики ги доживувам како ситни ѕвезди на темното ноќно небо на историјата над Македонија. Ноќно небо без ѕвезди е една голема темна празнина. Ноќно небо со ѕвезди е поезија.
По 1950 година, Македонија веќе целосно е функционална држава во рамките на Југославија. Настапува период на еден вид нормалност, како во секоја друга држава во Европа. Доаѓаат сѐ повеќе странски сликари во Македонија, но тоа веќе не е парадокс. Секоја нормална држава во Европа ја посетуваат сликари, некои познати, некои не толку познати. Затоа и не им обрнувам многу внимание.
Во 1960-тите години, имало денови кога старата чаршија во Скопје наликувала на Монмартр во Париз. Овие ликовни гости ќе си го поставеле штафелајот во чаршијата и ќе насликале некоја чаршиска сцена. Еден од нив е и унгарскиот Евреин Деже Левенберг (1900-1979). Малку се знае за овој сликар. Деже живеел во Риека, Хрватска, но бил чест гостин во Македонија во доцните 1950-ти, 1960-ти и 1970-ти години. Најчесто сликал сцени и ликови од старата чаршија во Скопје или, пак, селани што работеле по полињата на Скопската Котлина. Бил т.н. уличен сликар – она што ќе го насликал веднаш го нудел на продажба на улица. Квалитетот на сликите му варира.
Сум видел неколку негови македонски слики доста наивно насликани. Нo некои од нив се мошне добри, особено жетварите од Скопско Поле. Неодамна аукционерската куќа „Галериа Пананти Каза ди Есте“ од Фиренца, Италија, ја понуди сликата „Жетва во Македонија“ со, според мене, многу ниска проценета вредност од 100 до 200 евра. Некако не ѝ обрнав внимание и аукцијата помина. Се надевам дека некој наш човек во Италија ја купил сликата.


„Македонија во делата на странските сликари е чудесна и непозната земја, во која се измешале јазици, вери и традиции, во перфектна хармонија. Тоа искуство било фасцинантно и невидено за западните сликари“, вели авторот на „Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“, Влатко Милошевски, кој по професија е инженер по електротехника и живее во Холандија. Тој е автор на извонредниот лексикон на странски сликари што биле инспирирани во творештвото од престојот во Македонија. Ова несекојдневно истражување започна како веб-страница, а прерасна во книга. Дел од овие неверојатни, оригинални и автентични приказни од и за Македонија, но и пошироко од доменот на историјата на уметноста, пренесуваме во продолженија на страниците на „Нова Македонија“.