ТРИЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ УСТАВ
- Вчера во Собранието на Македонија и на повеќе места низ државава беа организирани панел-дискусии и научни дебати по повод три и пол децении од донесувањето на првиот Устав и историските одлуки што ја поставија темелната рамка на македонската државност
Триесет и пет години по прогласувањето на независноста и донесувањето на првиот Устав, македонската државност повторно беше во центарот на вниманието на институциите, научната јавност и историските сведоци. Во Собранието на Република Македонија вчера се одбележи значајниот јубилеј посветен на 35-годишнината од независноста и конституирањето на современата македонска држава. Настанот беше посветен на чествување на тој јубилеј и потсетување на историските околности во кои Македонија го трасираше сопствениот пат, на политичките одлуки што ја овозможија независноста и на донесувањето на првиот Устав на самостојната држава. Преку дискусии, стручни согледувања и навраќање кон архивските сведоштва беше отворено прашањето како се создаваше македонската државност и каква одговорност носат денешните генерации во нејзиното продолжување.
Уставот – темел на унитарна Македонија
Особено место во одбележувањето имаше 17 ноември 1991 година, датумот кога Собранието го донесе првиот Устав на независна Република Македонија.
Тоа беше историскиот завршеток на повеќемесечен процес, исполнет со политички расправи, различни концепции и сериозни предизвици. Уставот беше изгласан со 92 гласа „за“, а неговото донесување претставуваше еден од најважните институционални чекори во заокружувањето на македонската самостојност. На подготовката на уставниот текст работеа експертите Љубомир Фрчковски, Владо Поповски, Лазар Китановски и Димитар Мирчев, а значајна улога имаше и собраниската комисија за уставни прашања, со која претседаваше Стојан Андов. Процесот беше проследен со јавна расправа, голем број предлози и амандмани, како и со различни политички и стручни погледи за карактерот на новата држава. Јубилејното одбележување во Собранието беше можност повторно да се отвори сеќавањето на времето кога Македонија ги носеше одлуките од кои зависеше нејзината иднина. Зад историските датуми и документите стојат луѓе, политички претставници, правници, професори и институционални чинители што учествуваа во создавањето на независната држава. Нивните искуства и професионални согледувања се важни не само за реконструкцијата на минатото туку и за разбирањето на сложеноста на процесите низ кои помина македонското општество. Одбележувањето на 35-годишнината добива дополнително значење во контекст на потребата од научно истражување, архивирање и систематско документирање на современата македонска историја. Државниот архив најави дека вчера и денес во Скопје се одржува и меѓународниот научен симпозиум „Уставност, суверенитет и традиција: 35 години независна македонска држава“, кој ги обединува научниците, историчарите, правниците и истражувачите. Првата програмска целина предвидена во Собранието се одржа вчера, проследена со свеченост, додека втората се одржува денес, на 18 ноември, во „Порта Македонија“. Овој јубилеј е повеќе од потсетување на еден историски датум. Тој е можност да се зачуваат сведоштвата за создавањето на државата, да се вреднуваат одлуките на генерацијата што ја постави основата на независноста и да се отвори поширока општествена расправа за иднината. Триесет и пет години подоцна, пораката останува актуелна. Државноста не е само историско наследство,туку и секојдневна обврска. А историјата на македонската независност заслужува да биде запишана преку фактите, документите и автентичните сведоштва на оние што ја создавале. Н.М.
Македонски (У)став
- На 17 ноември 1991 година Собранието на Република Македонија го изгласа Уставот, првиот и највисок правно-политички акт на македонската држава штотуку излезена од југословенската федерација, прогласувајќи самостојност и независност. Уставот беше изгласан со 92 гласа „за“, од вкупно 120 пратеници. Пратениците од тогашните две албански партии, ПДП и НДП, не гласаа за одлуката за донесување на новиот устав. За потсетување, албанскиот политички кампус во Македонија, наспроти другите малцинства, се спротивстави на дефиницијата дека
„Република Македонија е национална држава на македонскиот народ“… - Првиот Устав на независна Македонија беше од редот на таканаречените -национални устави. Во исто време, доминантен дел од 165 светски устави во својата преамбула, оние што ја имаат, на почетокот пишуваат: „Ние, народот…“ и потоа во наредниот прокламативен или во нормативниот содржински дел на Уставот го споменуваат по име народот на кој се однесува конкретниот устав, како државотворен народ или како нација, означено со идентитетот на тој народ или нација: германски, француски, американски и други народи или нации. Сите тие национални 165 устави, или најголемиот број од нив, во својата преамбула го имаат споменато народот или нацијата, подразбрана како збир на сите граѓани во конкретната држава, како основа на државата и државноста. Такви преамбули во своите национални устави имаат: Франција, Германија, Полска, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија, Ирска, Словенија, Хрватска, Шпанија, Унгарија и низа други европски и светски држави
Грааните на Република Македонија на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, плебисцитарно потврдувајќи ги државноста и сувереноста на Република Македонија, ја изразија својата политичка волја и гласаа Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија, заснована врз државотворноста на македонскиот народ. Ваквиот резултат од тој референдум уставноправно се заокружи со донесувањето на Уставот од 17 ноември 1991 година. Треба да се има предвид фактот што споменатиот референдум тогаш беше бојкотиран и отфрлен од поголем дел од припадниците на албанскиот етникум, организирани од нивните политички партии, исто како што се постапи при гласањето во парламентот при донесувањето на новиот највисок уставноправен акт.
Извонредна анализа за македонскиот Устав и компаративен приод по тој основ во фокусот на новинарот Свето Тоевски
Потсетуваме на предметот на истражување, анализа и пишување во „Нова Македонија“ на нашиот ценет колега Свето Тоевски, каде што тој издвои повеќе есенцијално значајни поенти на оваа тема, кои во оваа пригода ги издвојуваме уште еднаш.
1. Професорот д-р Мишо Докмановиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во својата научна студија „Сами на своето: кратка историја на македонската независност (1990-1993)“ од 2021 година пишува: „Во јавната расправа пред донесувањето на Уставот од 1991 година НДП имаше предложено во преамбулата да стојат два члена: ‘Ние, народите на Република Македонија… го донесуваме овој Устав…’ и ‘Носител на сувереноста во Република Македонија се македонскиот народ, албанскиот народ и припадниците на другите националности, кои се државјани на Република Македонија’. Овие предлози не беа прифатени, ниту 450 други предлози за промена на текстот на Уставот, сочинет од стручната група за изготвување на Уставот. Уставната комисија на Собранието наведе дека е направена споредбена анализа на 26 устави во светот“.
2. Забележувајќи дека создавањето на првата република на Балканот, Крушевската Република од 2 август 1903 година, и Првото заседание на АСНОМ имаа сериозно влијание врз целокупниот уставен развој во Република Македонија и Уставот од 1991 година, во својата научна статија „Македонска уставна приказна“ од 2017 година д-р Тања Каракамишева, професорка од „Јустинијан Први“ и уставен експерт, посебно нагласува: „Преамбулата на Уставот од 1991 година, според својата содржина потсетува на најважните моменти од македонското историско, културно, духовно, годишно и државно наследство. Неговата главна цел беше да го означи почетокот на современиот развој на Македонија како независна и суверена држава, заснована врз суверенитетот, што произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, без оглед на нивната национална, верска или друга припадност, како демократска држава во која сите се еднакви и сите имаат исти права и слободи“.
Носител на државноста се македонскиот народ и
другите националности што живеат во Република Македонија
Првиот Устав на независна Македонија беше од редот на таканаречените „национални устави“. Уставната комисија на Собранието имала направено споредбена анализа на 26 устави во светот пред неговото конечно усвојување пред 34 години.
Врз основа на консултирање со релевантни научни студии на врвни европски и светски експерти, ние можеме да констатираме дека тој македонски Устав во најголемиот број негови елементи е на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи, како и вкупно 165 други национални устави од вкупно 189-те устави, колку што ги има во овој момент во светот.
Широкораспространета уставна практика во повеќе држави во светот е во текстот на преамбулата да се наведе нацијата како основа или темел на државата и државноста, поради што и се нарекуваат „национални устави“.
Доминантен дел од тие 165 светски устави во својата преамбула, оние што ја имаат, на почетокот пишуваат: „Ние, народот…“ и потоа во наредниот прокламативен или во нормативниот содржински дел на Уставот го споменуваат по име народот на кој се однесува конкретниот устав, како државотворен народ или како нација, означено со идентитетот на тој народ или нација: германски, француски, американски и други народи или нации.
Сите тие 165 национални устави, или најголемиот број од нив, во својата преамбула го имаат споменато народот или нацијата, подразбрана како збир на сите граѓани во конкретната држава, како основа на државата и државноста. Такви преамбули во своите национални устави имаат: Франција, Германија, Полска, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија, Ирска, Словенија, Хрватска, Шпанија, Унгарија и низа други европски и светски држави. Но има и земји што немаат преамбули во своите устави, како на пример: Италија, Австрија, Белгија, Грција, Финска, Шведска, Норвешка и други. Но сепак и тие во своите конституционални акти имаат вградено низа битни национални карактеристики.
Клучниот дел од преамбулата на македонскиот Устав од 1991 година
Новинарот Тоевски во својата длабока анализа го издвојува клучниот дел од преамбулата на македонскиот Устав од 1991 година што се наоѓа во следниот пасус: „Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а посебно од државно-правните традиции на Крушевската Република и историските одлуки на АСНОМ и уставноправниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија…“
Но оваа преамбула беше отстранета со уставниот амандман 4 од 16 ноември 2001 година, во кој беше нагласено: „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните, кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија… со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот…“
Кажано со речникот на професорката Тања Каракамишева, македонскиот народ е главниот и единствен носител на државотворноста на македонската држава, на Република Македонија, на македонската уставна приказна.
Но сега некои наши соговорници, уставноправни експерти од Словенија, во разговор отворено го ставаат на маса прашањето дали статусот на „дел од народ(и)те“ (во македонскиот Устав) ги ставаат во иста мера и другите етнички ентитети да станат и де јуре и де факто носители на државотворноста на државата, како што е во последната верзија од Уставот на Македонија?! Н.М.
Куси екстракти од компаративниот аналитички приод за предизвиците на македонскиот Устав од новинарот и аналитичар Свето Тоевски
Зузана Сиелска: Уставот од 1991 година ги обезбеди човековата слобода и основните вредности што ги исполнува една современа демократска држава
- Споредбената анализа, новинарот Тоевски ја заокружува со опсервацијата над македонскиот Устав од 1991 година на д-р Зузана Сиелска, доктор по
политички науки и експерт за решавање меѓуетнички конфликти од Институтот за Централна и Источна Европа при Државниот универзитет во Варшава, Полска. Во својата научна статија „Конфликти и национален идентитет – промени во Уставот на Република С. Македонија по 1991 година“, Сиелска нагласува дека „овој Устав од 1991 година ги обезбеди човековата слобода и основните вредности што ги исполнува една современа демократска држава!“
– Постојниот устав на Албанија во својата преамбула на самиот почеток истакнува: „Ние, народот на Албанија, горди и свесни за нашата историја, со одговорност за иднината… со решеност да изградиме правна држава, демократска и социјална, за да ги гарантираме основните права и слободи на човекот, со духот на толеранција и верски соживот, со посветеност на заштитата на човечкото достоинство и личност, како и за просперитетот на целата нација, за мир, благосостојба, култура и социјална солидарност, со вековниот стремеж на албанскиот народ за национален идентитет и единство… (2) суверенитетот на Република Албанија му припаѓа на народот“.
Во оваа преамбула и Устав на Албанија нема никакви други народи, ниту други државотворни елементи, нема ниту Македонци како посебен народ, ги има само како безимени граѓани, ниту во какво било друго својство. Во највисокиот правно-политички акт на албанската држава се наведуваат само албански народ и албански идентитет, суверенитет на албанскиот народ и ништо друго. За разлика од ваквиот албански денешен Устав, македонскиот Устав од 1991 година посочуваше во својата преамбула дека „Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија…“
Оваа споредбена анализа новинарот Тоевски ја заокружува со поглед на македонскиот Устав од пред 35 години, имено од 1991 година, на д-р Зузана Сиелска, доктор по политички науки и експерт за решавање меѓуетнички конфликти од Институтот за Централна и Источна Европа при државниот Универзитет во Варшава, Полска. Во својата научна статија „Конфликти и национален идентитет – промени во Уставот на Република С. Македонија по 1991 година“, Сиелска нагласува: „Националниот идентитет е важен аспект на обликувањето на нацијата. Македонците го создаваат својот идентитет, а со тоа и својата одвоеност од другите, со помош на елементи што ја поврзуваат заедницата, како што се државата, религијата и јазикот. Уште во 1991 година, кога Република Македонија доби независност, земјата се бореше за својата национална независност. Во тоа време имаше многу конфликти поврзани со македонскиот идентитет. Веќе на 8 септември 1991 година беше одржан референдум, а истата година на 17 ноември, македонското собрание го донесе македонскиот Устав. Во преамбулата на Уставот беше нагласена вековната борба за слобода на македонскиот народ и правото на сопствена држава. Дополнително, беше забележано дека ‘Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, што обезбедува целосна граѓанска рамноправност и траен соживот на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија’. Овој Устав од 1991 година ги обезбеди човековата слобода и основните вредности, што ги исполнува една современа, демократска држава“, всушност се согледување и потврдување не само на д-р Зузана Сиелска (експерт) туку и на низа други објективни уставни и политички експерти од Европа и од светот. Н.М.
































