ТРИЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ УСТАВ
Сите држави во светот се национални, истовремено и граѓански, затоа што сите се еднакви пред уставот и законите! Не постои анационална држава во светот! Меѓународното право важи за сите. Сепаратизмот и амбициите на злосторнички здруженија, за големи етнички држави, кои никако поинаку не може да се постигнат освен со војна, етничко чистење и етнички и верски демаркации, се неприфатливи за мнозинството и се санкционираат законски или воено ако провоцираат, нема трета опција.
Откога Софија побара впишување Бугари во Уставот на државата Македонија, а заради елиминација на барањето за реципроцитет – доколку се впишат Бугарите во Уставот на државата Македонија, Скопје да бара и Македонците во Бугарија да бидат впишани во Уставот на државата Бугарија, дежурните платеници проширија демагогија во јавноста дека тоа не е можно, бидејќи Македонија била национална, а Бугарија граѓанска држава, што не е ништо друго туку манипулација за да се заблуди јавноста, а обврската да остане само за Македонија.
… Не постои националното наспроти граѓанското, ниту граѓанското наспроти националното! Де факто и де јуре, националното е граѓанско, односно граѓанското е национално! Националното и граѓанското се комплементарни, разбирливо е тоа за тие што знаат дека нацијата е синоним за држава, а не за етничко потекло. Односно нацијата е синоним за сите, а сите во државата се еднакви пред уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус, општествената положба и партиската припадност. Се разбира, тоа не го суспендира мнозинскиот етнос како носител на државноста! Тие правила важат во целиот свет и за сите, важат и во државата Македонија, во која носител на државноста е македонскиот народ. Поради тоа, на целата територија во државата Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик со неговото кирилско писмо. Македонскиот јазик не е службен јазик на целата територија на државата Македонија и во нејзините меѓународни односи заради дискриминација на тие на кои македонскиот јазик не им е мајчин јазик, туку поради интеграција на нацијата во комуникациите меѓу сите и сите во комуникациите со институциите на системот и тие со нив!
… Не е точно дека правата и слободите на некое национално малцинство во Македонија зависат од тоа дали е впишано во Уставот или не. За правата и слободите на националните малцинства важи меѓународното право, чиј потписник се и Македонија и Бугарија. Дали некое национално малцинство е впишано во Уставот или не е впишано е ирелевантно, затоа што државата е должна да ги почитува нивните права и слободи уредени во меѓународното право!
… Македонија во Уставот нема да впише „бугарско малцинство“, туку „делот од бугарскиот народ“. И тука е замката, бидејќи за Софија не постои македонски народ, а Бугарија е матична држава на бугарскиот народ, формулацијата „делот од бугарскиот народ“ (иако се неколку стотини) ќе значи сите Македонци во Македонија се дел од бугарскиот народ – или Македонија е втора бугарска држава.
А со време со отворање универзитети, медиуми, едукација на бугарската приказна за Македонија, во што нескриено ќе им помагаат албански сепаратистички сили во Македонија (и тие би добиле дел од Македонија), ќе се галопира кон дезинтеграцијата на државноста на Македонија.
… Македонија е национална и граѓанска држава, како што и Бугарија е национална и граѓанска држава, какви што се сите држави во светот!
Бидејќи за Софија, бугарскиот народ во преамбулата на нејзиниот устав не означувал етнос, туку демос, еве и Македонците ја прифаќаат бугарската нација како политичка нација со своја културна идентификација, не се мешаат во внатрешните работи на Бугарија и во нивната историја и корени во Татарстан, Кина и Монголија. Меѓутоа, отфрлаат територијални претензии и грубо мешање на Софија во внатрешните работи на државата Македонија. Македонците се за историско македонско-бугарско помирување и за договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, но не врз асиметрични договори, кои дури и погрешно се толкуваат, туку врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Разликите во читањето на историјата како суверено право на суверените држави не смеат да ги блокираат интегративните, билатералните и мултилатералните односи! Соработката, координацијата, размената на искуства и информации мора да продолжат, бидејќи Земјата се врти, времето не се враќа, а животот продолжува. Ако вие не ми отворите врата, нема да умрам на прагот пред вашата куќа, светот е преголем за да се случи тоа. Европскиот центризам и американскиот унилатерализам се трајно минато свршено време, историјата не почнува во Брисел, не завршува во Брисел и Вашингтон. Светот се гради на мултиполарни основи и Македонија мора да ја приспособи својата надворешна политика на новата геополитичка карта. Македонија мора да гради политики на активен мултилатерализам – од пријатели никогаш доста, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост како неутрална држава. И тоа мора да се почитува – одлуките од двата референдума од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година! Тие се непроменливи и задолжителни…
Од колумната на авторот објавена во „Нова Македонија“ на 5.11.2026 година
































