Повод: Црна Гора силно ги брани своите позиции при евроинтеграциите
- Членството во Европската Унија сѐ повеќе станува инструмент за остварување национални агенди на земјите членки, а европските (копенхашки) критериуми престануваат да бидат единственото мерило. Така, европската перспектива на земјите кандидатите за ЕУ станува заложник на билатералните интереси на нивните соседи
Црна Гора се соочува со моментот на вистината во своите европски преговори. Но овој пат дилемата во Подгорица не е само колку поглавја останале за затворање, колку закони треба да се усогласат или колку реформски задачи треба да се исполнат. Вистинското прашање е каде завршува европската условеност, а каде почнува политичкото условување од соседна земја членка на Европската Унија. Имено, се работи за Хрватска. Но аналитичарите од Европа, наспроти елитите од Брисел, сè уште „кршат копја“ околу предизвикот со кој се соочуваат земјите кандидатки кога ќе изјават дека „…дотука се европските обврски, а оттука почнуваат нашите национални црвени линии…“ – или и за тоа мериторно одлучува само Брисел?!
ЦРНА ГОРА СО ПРАШАЛНИЦИ ЗА ТОА КАДЕ ЗАВРШУВААТ БАРАЊАТА НА БРИСЕЛ, А КАДЕ ПОЧНУВААТ ОНИЕ ОД ЗАГРЕБ?
Токму таква порака испрати црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ, кој во црногорскиот парламент порача дека „одбивањето барања што не се засновани врз право и задираат во националните интереси не значи одбивање на Европската Унија!“ Напротив, според неговата формулација, тоа значи „одбрана на меѓународното право и на добрососедските односи!“
Пораката е политички значајна затоа што доаѓа во момент кога Црна Гора е промовирана како „најнапредната земја кандидат во регионот“. Таа ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја, а до почетокот на ноември 2026 година привремено затворила 21. Нејзината амбиција е да ги заврши преговорите до крајот на годината и да стане членка во 2028 година. Но токму во финишот се појавува хрватската преговарачка рампа.
За потсетување, Загреб достави список од осум барања, чие решавање го поврзува со завршувањето на црногорските пристапни преговори. Меѓу нив се прашањата за сопственоста над училишниот брод „Јадран“, разграничувањето кај Превлака, обесштетувањето на поранешните затвореници од логорот во Морињ, исчезнатите лица од војните во деведесеттите, процесирањето на воените злосторства и враќањето на имотот на хрватските семејства. На списокот се и прашања поврзани со спомен-обележјето во Морињ и симболичките и политичките последици од резолуцијата за Јасеновац што ја усвои црногорскиот парламент.
– Не може да се оспори дека дел од овие прашања се реални, чувствителни и заслужуваат институционално решавање. Судбината на исчезнатите, правата на жртвите, одговорноста за воените злосторства и имотните спорови не се прашања што треба да бидат игнорирани. Но сосема друго прашање е дали нивното решавање мора да биде предуслов за затворање на европските поглавја и дали секое билатерално несогласување треба да добие статус на европска преговарачка обврска – вели наш соговорник, дипломат и политички аналитичар.
ИМА ЛИ ЕВРОПСКИ ШТИТ ЗА БИЛАТЕРАЛНИ УСЛОВУВАЊА?
Тука се наоѓа суштината на црногорската дилема. Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ не ги отфрли сите хрватски барања. Тој направи разлика меѓу прашањата што можат да се решаваат со дијалог, меѓународно право и меѓусебно договорени механизми и оние што, според неговата оцена, задираат во националните интереси на Црна Гора. Посебно ги издвојува „Јадран“, разграничувањето кај Превлака и обесштетувањето на поранешните логораши, нагласувајќи дека Подгорица не прифатила нови обврски или рокови на штета на своите интереси.
– Тоа е важен политички сигнал. Европската интеграција не треба да значи автоматско прифаќање на секое барање што доаѓа од земја членка. Но, како што стојат работите, и Загреб, од позиција на членка на ЕУ има сопствена аргументација зад која процедурално стои Брисел. Хрватска се повикува на добрососедските односи како дел од политичките услови на пристапниот процес, а нејзините претставници тврдат дека отворените прашања мора да се решат пред завршувањето на преговорите. Во таа аргументација има и легитимни елементи, но проблемот настанува кога земјата членка сама станува толкувач, арбитер и носител на вето во спорот со земјата кандидат. Токму затоа црногорскиот случај е уште еден билатерален спор во процесот на евроинтеграции, овој пат меѓу Подгорица и Загреб. Тоа отвора прашање за самата методологија на проширувањето. Имено, дали Европската Унија ги оценува кандидатите според заеднички, предвидливи и еднакви правила или секоја земја членка добива можност да ја проширува листата на услови со сопствените историски, територијални и политички агенди? – анализира нашиот соговорник, дипломат од кариера и аналитичар на меѓународните односи и дипломатија.
ЕВРОИНТЕГРАТИВНА АСОЦИЈАЦИЈА: ПРЕСПА И Т.Н. ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ
Предизвикот на Црна Гора за Македонија не е ниту ново, ниту теоретско. Тоа е една асоцијација во насока на аналогија на сопственото македонско искуство, платено со децении блокади и со отстапки од историски размери, вели нашиот соговорник.
– За потсетување на асоцијативноста… Имено, прво беше Грција. Спорот за името, кој со години го блокираше македонскиот евроатлантски пат, заврши со Преспанскиот договор од 2018 година. Македонија го промени своето уставно име во Република Северна Македонија, со промени во внатрешниот и меѓународниот идентитетски и институционален контекст. Тоа беше огромна политичка и општествена отстапка, направена со очекување дека ќе се отворат вратите кон европската интеграција. Потоа дојде Бугарија. Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, историските разидувања и прашањата за јазикот и идентитетот постепено се претворија во пречка за почетокот на преговорите. Со новите отстапки од 2022 година, тогашната влада на Македонија прифати дополнителна обврска за внесување на Бугарите во Уставот, како услов поврзан со понатамошното придвижување на процесот. Така, од спорот за името со Грција, преку историските и идентитетските несогласувања со Бугарија, Македонија стигна до ситуација во која нејзиниот европски пат зависи и од прашања што не се класични мерила за демократска зрелост, владеење на правото, економска функционалност или усогласување со европското законодавство – подвлекува за јавноста нашиот соговорник и аналитичар.
ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ СТАНУВА ПРЕГОВАРАЧКА ПРЕДНОСТ И РЕГИОНАЛЕН ОБРАЗЕЦ?!
Според нашиот соговорник, токму тука е паралелата со Црна Гора.
– Различни се конкретните барања, различни се билатералните спорови, но механизмот на условување е сличен. Имено, земјата членка на ЕУ ја користи својата позиција во европските институции за да добие дополнителна преговарачка моќ во односите со кандидатот. Се разбира дека, за волја на вистината, но исто така и, за жал, Преспанскиот договор е меѓународно правно обврзувачки билатерален договор, а обврската за уставните измени во македонскиот случај е вградена во европскиот компромис од 2022 година. Но, повторно, според меѓународното право, тоа не е така, а „аргументите на силата не го прашуваат правото“. Токму тоа отвора суштинска дебата за начинот на кој билатералните договори и националните барања се претвораат во услови за членство. Копенхашките критериуми се однесуваат на стабилноста на демократските институции, владеењето на правото, човековите права, заштитата на малцинствата, функционалната пазарна економија и способноста за преземање на обврските од членството. Добрососедските односи се важен дел од процесот на проширување, но тоа не е неограничен мандат за секоја земја членка да наметнува какви било дополнителни барања. Европската Унија вака станува институционален чадор под кој билатералните спорови ќе се претвораат во бесконечни условувања. Процесот на проширување не може да биде средство за решавање на историски, територијални и политички прашања според националните интереси на поединечни членки – анализира нашиот соговорник.
ТЕСТ ЗА ЕВРОПА
Црногорската позиција за т.н. црвени линии заслужува внимание како важен тест за иднината на европското проширување. Не затоа што секое барање на Загреб е неоправдано, туку затоа што мора да постои јасна граница меѓу правната обврска, легитимното барање за добрососедство и политичкото условување. Европската перспектива не може да биде награда за откажување од сопствениот национален интерес, ниту пристапниот процес смее да се претвори во лицитација во која кандидатите постојано ќе плаќаат нова цена за да стигнат до целта. Ако Македонија го искуси тоа преку Грција и Бугарија, не мора денес Црна Гора да се соочи со сопствената верзија на истиот проблем.
– Разликата е во тоа што Подгорица сега има можност јасно да ја формулира границата меѓу европската обврска и националното достоинство. Нашата претходна влада ја немаше таа одлика што Црногорците ја нарекуваат со еден збор – ЧОЈСТВО (чојство е црногорски израз што означува достоинство и морална патриотска големина). Тоа е способноста да се остане човек во вистинската смисла на зборот (и да се постапува чесно, праведно и со почит, дури и кога се нема моќ – н.з.). Зашто вистинското прашање повеќе не е само дали земјите кандидати се подготвени за Европската Унија туку и дали самата Европска Унија е подготвена да го заштити сопствениот систем од злоупотреба на нејзините процедури. Кога земјите членки што се граничат со кандидатите го користат европскиот институционален штит за да наметнуваат сопствени историски, територијални, политички и други интереси, тогаш проширувањето престанува да биде процес заснован врз заеднички правила. Се претвора во процес на билатерални унилатерални пазарења, во кој кандидатите се принудени да отстапуваат, а членките добиваат дополнителна моќ. И токму затоа црвените линии на Црна Гора не се само црногорско прашање. Тие се прашање за иднината на сите земји од Западен Балкан, но и за кредибилитетот на самата Европска Унија – анализира нашиот соговорник. Р.С.
































