ТРИЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ УСТАВ
- Од првиот Устав до денес, македонската државност постојано е изложена на политички притисоци и уставни прекројувања, а новите барања повторно го отвораат прашањето за улогата на македонскиот народ. Триесет и пет години уставни интервенции ја замаглија првичната суштина на македонската државност, а новите барања се закануваат да го продолжат процесот на нејзино разградување
И по 35 години од прогласувањето на независноста, македонскиот Устав и натаму е предмет на моделирање, некогаш под притисок на надворешниот фактор, некогаш како резултат на внатрешни политички пазарења и калкулации. Со честите интервенции во највисокиот правно-политички акт на државата, она што првично беше јасна суштина на македонската државност постепено се претвори во сè помалку разбирлива материја, во која улогата на македонскиот народ како носител на државноста сè потешко се дефинира и препознава.
Последните барања за нови уставни измени, овој пат поврзани со внесувањето на Бугарите во преамбулата, повторно ја отвораат истата дилема: дали станува збор само за уште една формална интервенција или, всушност, за продолжување на процесот на постепено разградување на концептот врз кој е поставена македонската држава? Оттаму, резервираноста кон новите измени не може да се толкува единствено како политичка тврдоглавост или отпор кон нечии права, туку и како обид да се спречи она што дел од јавноста го доживува како завршна фаза на долгогодишната демонтажа на македонскиот државотворен и национален концепт.
Она што е константа во пораките на меѓународните претставници изминативе години е нивниот притисок дека „уставните измени мора да се направат што поскоро ако земјата сака брз пробив во евроинтеграциите“, додека сè друго се сведува на надежи и уверувања, без конкретни гаранции, дека потоа нема да следуваат нови непринципиелни блокади.
Во суштина, резервираноста што земјава ја покажува околу уставните измени не произлегува од инает или од анимозитет кон одредена малцинска група што претендира да стане дел од македонскиот Устав, туку пред сè од негативните искуства од минатото, кога државата направи сериозни отстапки во име на евроатлантските перспективи, а за возврат не ги доби очекуваните придобивки.
Затоа овој пат на целиот процес му се пристапува со многу поголема претпазливост. Се бара, па дури и од европските претставници, да се најде креативно решение што ќе овозможи уставни измени по македонски терк, во согласност со домашните состојби и интереси, а истовремено ќе го исполни барањето на Европската Унија за внесување на граѓаните со бугарска самосвест во највисокиот правно-политички акт на државата.
За да не се повтори уште едно разочарување, дел од познавачите предлагаат евентуалните уставни измени да се моделираат според постојните решенија во уставите на одделни земји членки на ЕУ. Според нив, таквиот пристап би ги отстранил идентитетските ризици што би можеле да се појават во иднина, но и би ги намалил опасностите од внатрешно нарушување на македонското општествено ткиво, доколку повторно се интервенира во Уставот без претходно јасно да се нагласи државотворната улога на македонскиот народ.
Македонскиот народ, а не само граѓаните, е темелот на државноста
Во дел од домашната јавност се појавуваат реакции дека решенијата со кои македонскиот народ би бил издвоен пред малцинските заедници во уставната преамбула тешко би можеле да добијат поддршка, имајќи ги предвид ставовите на албанската политичка заедница во земјава. Токму таа е најгласниот противник на примената на моделите од уставите на Хрватска, Словенија, Полска, Чешка и на други европски држави, во кои државотворниот народ е јасно издвоен, а истовремено им се гарантираат правата на малцинските заедници.
Од друга страна, истите политички кругови инсистираат најголемиот дел од отстапките во евроинтегративниот процес да ги направат исклучиво Македонците, притоа испраќајќи и пораки дека, доколку нема напредок кон ЕУ, „дел од граѓаните ќе тргнеле со Бугарија, дел со Албанија“.
Дека издвојувањето на македонскиот народ во преамбулата не значи загрозување на правата на ниту една малцинска заедница покажуваат и сите досегашни уставни решенија во Македонија, почнувајќи од периодот на ослободувањето, па сè до прогласувањето на независноста.
Имено, во Уставот на Народна Република Македонија од декември 1946 година воопшто не се наведуваат народности, а македонското општество во тој период се градело врз принципот на рамноправност меѓу народите.
„…македонскиот народ се соединува врз основа на начелото на рамноправноста со останатите народи на Југославија и нивните народни републики: Народна Република Србија, Народна Република Црна Гора, Народна Република Босна и Херцеговина, Народна Република Хрватска, Народна Република Словенија, во заедничка сојузна држава – Федеративна Народна Република Југославија“.
И во воведниот дел на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од април 1963 година македонскиот народ е јасно означен како државотворен.
„…создаде сопствена држава, Народна Република Македонија, во која ги оствари историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите – националните малцинства за рамноправност и на работните луѓе за социјална слобода“, се наведува во тогашниот уставен текст, во кој во декември 1971 година, со амандманот XV, се наведуваат две народности.
„Социјалистичка Република Македонија е суверена национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност и на другите етнички групи во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе, и социјалистичката самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност и етнички групи“, пишува во тоа уставно решение.
И во Уставот на СРМ од февруари 1974 година е нагласена водечката улога на македонскиот народ во создавањето на македонската држава.
„…дека македонскиот народ, заедно со народностите на Македонија, во заедничката Народноослободителна борба со другите југословенски народи и народности, ја создаде Социјалистичка Република Македонија како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, во која се остварија историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите за рамноправност и на работничката класа и на сите работни луѓе за социјалистичко општество“, се прецизира во тоа уставно решение.
Преамбулата на Уставот на Република Македонија од ноември 1991 година, според многу толкувања, е најблиску до хрватскиот модел, иако со помалку наведени националности.
„…Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија“, се вели во првиот устав на независна Македонија, кој добил високи оцени од меѓународни уставни експерти.
Од уставни интервенции до идентитетско разградување
Сите овие примери покажуваат дека Македонија уште по Втората светска војна, а потоа и во периодот на нејзиното функционирање во рамките на СФРЈ, имала уставни решенија што и денес можат да се препознаат во уставите на повеќе европски држави. Со нив биле гарантирани малцинските права на граѓаните што живееле на овие простори, па не треба да зачудува што Македонија и по независноста се наоѓа меѓу државите со високо ниво на заштита на малцинските права. Негувањето на рамноправноста во поранешната држава се одразувало и врз односот на македонскиот народ кон сите малцинства, тогаш именувани како народности.
За жал, по донесувањето на првиот устав на независна Македонија следуваа голем број интервенции, главно под политички притисоци, како резултат на пазарења и постојани уцени, со што еден релативно јасен уставен концепт постепено беше претворен во сè покомплицирана конструкција.
Со амандманот XIV од ноември 2001 година беше воведен терминот „делови од народи“, формулација што предизвика голем број дебати во врска со нејзиното значење и местото во уставната практика. Во меѓународните документи, пак, најчесто се употребува терминологијата поврзана со малцинските права.
„Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина…“, стоеше во тогашното решение.
Но очигледно ни тоа не беше последната интервенција. Во јануари 2019 година, со амандманот XXXIV, беше избришан делот „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници“, со што повторно се променија структурата и значењето на преамбулата.
„Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“, се наведува во актуелниот уставен текст, кој повторно е предмет на барања за измени.
Враќање кон уставните принципи и европските практики
Според дел од познавачите на уставните состојби, низ сите досегашни уставни решенија може да се следи континуитетот на македонскиот народ како државотворен и носечки стожер на македонската држава.
– И на странците им е кристално јасно дека соседните земји конзистентно водат шовинистичка политика против македонскиот народ повеќе од 150 години, со мал исклучок во годините непосредно по НОБ до прогласувањето на Информбирото во 1948 година, така што тешко е да се поверува дека нема да прекинат со негирањата на посебноста на македонскиот народ, дури и да ги вметнеме Бугарите во Уставот. Трите војни што ги воделе за Македонија, Втората балканска, Првата и Втората светска, и кои ги изгубиле, јасно го докажуваат тоа. По ова прашање имаат неоспорно изградено државен и општествен консензус низ годините. Со тоа што одбија уставни измени со одложено дејство, но и со тоа што отфрлија какви било други креативни идеи, посредништва, повици за директни разговори и слично, јасно покажаа дека целта им е со вметнувањето во Уставот постојано да бараат оштетени „Бугари“ низ земјава преку рамковни барања. Ставот зошто објективно не им е местото во Уставот е што не постои територијално компактна група на Бугари со историски континуитет на овие простори, за разлика од другите наведени во сегашната преамбула. Станува збор значи за поединци, активисти и доселени преку брак или работа. Дополнително, со Договорот за добрососедство и пријателство од август 2017-та не беше предвидено нивно вметнување во Уставот, а згора на тоа, во Европскиот суд за човекови права нема ниту една пресуда за повреда на правата на нивен сонародник во земјава, но има многу за повреда на малцинските права на Македонците во Бугарија – наведуваат дел од соговорниците.
Други сметаат дека Македонија треба да продолжи да ја застапува сопствената позиција и, доколку Европската Унија инсистира на уставни измени, тие да бидат направени на начин што ќе ги штити нејзините државни интереси, имајќи предвид дека станува збор за суверена држава.
– Нашата најдобра гаранција се уставите што сме ги имале во минатото, а кои и денес се речиси идентични со уставите на некои земји членки на ЕУ. Ако Европа ги прифатила тие нивни устави како демократски, тогаш нема зошто и нам да ни прави забелешки. Тоа подразбира и кооперативност од преостанатите заедници во земјава, кои се најгласни кога македонскиот народ треба да направи некаква жртва, а ги нема кога треба да направат и минимална козметичка отстапка. Патот кон ЕУ е заеднички и треба сите да го дадат својот придонес – заклучуваат соговорниците.
































