Кредитната изложеност на банките во еврозоната кон центрите за податоци сè уште е релативно мала, но во последниот период брзо расте и бара поголемо внимание од финансиските регулатори, изјави денеска претседателката на Надзорниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Клаудија Бух.
Таа наведе дека кредитите за центрите за податоци сочинуваат од 1,2 до 1,3 проценти од вкупната кредитна изложеност на банките во еврозоната кон компаниите. Истовремено, само 12 банки имаат позначителна изложеност кон приватното кредитирање поврзано со вештачката интелигенција.
– Уделот во вкупната изложеност не е голем, но во последниот период растеше релативно брзо и учествува во релативно голем дел од новите кредити – рече Бух при претставувањето на годишниот извештај на ЕЦБ за состојбата на банкарскиот систем.
Според неа, состојбата брзо се менува и бара дополнително внимание од надзорните институции, особено поради растечките вложувања во инфраструктурата потребна за развој на вештачката интелигенција.
Во меѓувреме, инвеститорите низ светот ги преиспитуваат оптимистичките очекувања за исплатливоста на вложувањата во вештачка интелигенција. Меѓу факторите што влијаат врз расположението на пазарот се противењето на изградбата на центри за податоци и растечките трошоци за електрична енергија.
Поедноставено, кредитната изложеност покажува колкав износ е изложен на ризик ако клиентот или компаниите од одреден сектор не ги отплатат своите долгови кон банката.

































