Фото: Собрание на Србија

Александар Чупиќ денеска е избран за претседател на Собранието на Србија, на предлог на Студентската листа.

При јавното гласање, за Чупиќ гласаа 140 пратеници, а за кандидатот на пратеничката група „Србија победува“, Стојан Раденовиќ, гласаа 97 пратеници. Собранието на Србија брои 250 пратеници, од кои 239 беа присутни во салата за време на гласањето.

По изборот, Чупиќ изјави дека граѓаните очекуваат дијалогот и толеранцијата да бидат основа на политичката култура на секој пратеник. Тој нагласи дека пратениците треба да внимаваат на секој изговорен збор и најави дека Собранието ќе негува критичка расправа и ќе ја врши својата контролна улога.

Фото: Собрание на Србија

Чупиќ посочи пет начела за водење дијалог – рамноправност, внимателност, учтивост, враќање на чувството на срам и, како што рече, „врвниот идеал – силата на аргументот“.

Тој додаде дека изборот за претседател на Собранието за него претставува голема чест, одговорност и обврска.

По изборот и обраќањето на Чупиќ беше одредена пауза до 15:40 часот. На дневниот ред на седницата се и изборот на потпретседатели на Собранието и изборот на членови на парламентарните работни тела.