Фото: МИА

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска го продолжува учеството на седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC), што се одржува во Варшава. Во фокусот на вториот ден од форумот се енергетската безбедност, диверзификацијата на снабдувањето и заштитата на критичната инфраструктура, како и стратешките енергетски прашања од заеднички интерес за Европа и САД.

На вчерашната панел-дискусија „Зајакнување на европската енергетска безбедност: отпорност на критичната инфраструктура и диверзификација на снабдувањето“, Божиновска ги претстави чекорите што ги презема државата за обезбедување алтернативни правци за снабдување и подобра регионална поврзаност.

Таа посочи дека по три децении зависност од еден правец за снабдување со природен гас, преку Бугарија, земјава развива нови инфраструктурни врски преку интерконекторите со Грција и Србија. Интерконекторот со Грција се очекува да биде завршен во јуни следната година, а предвидена е и можност за транспорт на водород.

Меѓу дополнителните активности ги издвои и плановите за електроенергетско поврзување со Албанија, како и повторното ставање во функција на продуктоводот со Грција, кој не е активен веќе 12 години.

Посебно внимание на дискусијата било посветено на заштитата на критичната енергетска инфраструктура од сајбер-напади и закани со беспилотни летала. Според Божиновска, за справување со овие ризици неопходни се координација меѓу институциите, операторите и приватниот сектор, како и соодветна законска рамка.

Министерката се осврнала и на предизвиците во синџирите на снабдување со енергетска опрема. Како пример го посочила случајот со инвеститор заинтересиран за изградба на гасна турбина, кој како најран достапен термин за испорака добил 2032 година. Овој пример, според неа, ја нагласува потребата новите енергетски проекти уште во фазата на планирање да ги земат предвид технолошките промени, резервните системи и безбедносните ризици.

Денешната агенда на P-TEC продолжува со министерски дискусии за нуклеарната енергија, трансатлантската индустриска соработка, сигурноста на снабдувањето со течен природен гас (LNG), финансирањето на стратешката енергетска инфраструктура и нејзината заштита.

Учеството на македонската делегација на форумот е насочено кон продлабочување на партнерствата со САД и европските земји и унапредување на регионалната соработка за изградба на посигурен и поотпорен енергетски систем.