Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, вели дека полициската соработка меѓу Македонија и Грција во изминатите две години е на највисоко ниво и дека заедничките активности придонеле за спречување на планиран напад во Грција.
Во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, Јанев истакна дека во периодот откако ја извршува функцијата директор на полицијата се изградени силни врски со грчката полиција, особено со нејзиниот директор Димитрос Малиос.
– Ги отворивме вратите и оперативната соработка и полициската соработка се на високо, врвно ниво – рече Јанев, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Осврнувајќи се на случајот со разоткриената мрежа поврзана со Иран, за која постојат сомневања дека подготвувала терористички напад или атентат во Грција, Јанев посочи дека потенцијални цели биле лица и компании што работат во поголемите грчки градови, меѓу кои и Атина.
Тој нагласи дека заканата била спречена благодарение на преземените активности и размената на информации меѓу надлежните институции во двете земји.
– Во овој момент успеавме сето тоа да го спречиме врз основа на информациите и дејствијата што ги презедовме на територијата на нашата земја, но и во тесна соработка со грчката полиција – изјави Јанев за ЕРТ.
Случајот и понатаму е меѓу главните теми во грчките медиуми, а ЕРТ испрати и новинар во Скопје. Телевизијата објави дека Јанев зборувал за спречување сериозно криминално и терористичко дело, оценувајќи го предметот како особено чувствителен.
Според ЕРТ, сега се очекува судската разрешница во однос на петтемина уапсени. Телевизијата наведува дека Јанев смета оти собраниот доказен материјал е доволен за покренување сериозни обвиненија, за кои македонското законодавство предвидува високи казни.
Грчката телевизија објави и информации за наводни врски меѓу иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зиндапти и еден од уапсените, кои, според објавеното, се запознале во затвор во Турција. ЕРТ наведува дека тоа познанство наводно било почеток на регрутирањето други лица.
Во меѓувреме, според информациите што ги објави телевизијата, властите во Македонија, во соработка со грчката разузнавачка служба (ЕИП), трагаат по уште едно лице поврзано со случајот, кое наводно избегало во странство.
Иранската амбасада во Атина вчера преку социјалната мрежа Икс ги отфрли тврдењата за наводен терористички план поврзан со Иран, оценувајќи ги како целосно неосновани.
Во грчките медиуми се појавуваат различни сценарија за тоа кој бил потенцијалната цел на нападот. Меѓу нив се споменуваат грчки бизнисмен со еврејско потекло, Израелец поврзан со голема компанија во Грција или лице поврзано со израелски интереси.
Сепак, засега нема официјална потврда за ниту едно од овие сценарија, ниту за идентитетот на потенцијалната цел.

































