Пожар вечерва избувнал во подземниот паркинг на трговскиот центар КАМ мол во скопската населба Ѓорче Петров. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека станува збор за запален автомобил на паркингот во молот.
По избувнувањето на пожарот, сите посетители на трговскиот центар биле евакуирани, додека на терен интервенирале полициски екипи и пожарникари.
Според сведочењата на очевидци, со асистенција на полицијата, возилата едно по едно го напуштале подземниот паркинг. На дел од нив биле забележливи траги од чад, кој излегувал и преку вентилацискиот систем на објектот.
Пред трговскиот центар се собрале поголем број граѓани, додека надлежните служби интервенирале на местото на настанот.
Засега нема дополнителни информации за причините за пожарот, ниту за евентуално повредени лица.
































