Иранската амбасада во Атина ги отфрли како „целосно неосновани“ тврдењата на дел од медиумите дека лица поврзани со Иран подготвувале терористички напад во Грција. Реакцијата ја објави прес-службата на амбасадата на социјалната мрежа Икс, јави дописничката на МИА од Атина.
Од амбасадата порачаа дека обвинувањата немаат никаква „вредност или кредибилитет“ и ги оценија како дел од, како што наведоа, израелска пропагандна кампања за дискредитација на Иран.
Наводниот план за напад и натаму е меѓу главните теми во грчките медиуми. Тие објавуваат различни информации за тоа кој бил цел на нападот, повикувајќи се на сопствени извори или на други грчки и странски медиуми.
Според едни извештаи, целта била грчки бизнисмен со еврејско потекло, според други, израелски државјанин од голема компанија во Грција, а според трети, лице поврзано со израелски интереси. Ниту едно од овие тврдења не е официјално потврдено.
Израелскиот портал „Ynet“, повикувајќи се на свои извори, објави дека израелската разузнавачка служба Мосад им доставила информации на властите во Грција и Северна Македонија и со тоа помогнала да се спречи наводниот заговор за атентат врз израелски државјанин во Грција.
































