Во рамките на соработката меѓу парискиот универзитет „Пантеон-Асас“ и Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ од Скопје, во големиот амфитеатар на парискиот универзитет се одржа свечена академска церемонија. Специјален гостин на настанот беше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Потпретседателот на парискиот универзитет, францускиот интелектуалец и почесен доктор (doctor honoris causa) на „Еуропа Прима“, Фабрис Д’Алмеида (Fabrice d’Almeida), го претстави Андоновски како еден од најбрилијантните министри во Европа. Тој истакна дека министерот придонесува за забрзување на дигитализацијата во повеќе области на македонското општество.
Пред преполниот амфитеатар, во кој присуствуваа студенти на додипломски, магистерски и докторски студии, Андоновски ја претстави својата визија за Македонија како регионален лидер во дигитализацијата на јавната администрација, институциите, економијата и образованието, како и во дигиталното зачувување на аудиовизуелната меморија и културното наследство.
Тој зборуваше за европските искуства што се применуваат во дигиталната трансформација на македонското општество. Според него, процесот треба да одговори на секојдневните потреби на граѓаните, но и да придонесе за зачувување на колективната меморија и националниот идентитет. Андоновски нагласи дека со ваквиот пристап Македонија ги поврзува минатото, сегашноста и иднината и се претставува како земја што ги следи меѓународните стандарди, во некои области и со побрза динамика од одделни земји членки на ЕУ, со перспектива за полноправно членство во Европската Унија.
По излагањето се разви дебата во која учествуваа студенти и професори. Тие ја оценија визијата на министерот како оригинална и како поттик за нови научноистражувачки проекти што би ги поврзале француските и македонските истражувачи околу заеднички цели. Во таа насока беше посочена и мислата што му се припишува на Жан Моне дека „Европа е нашиот заеднички дом“.
На церемонијата се обрати и претседателот на „Еуропа Прима“, Јордан Плевнеш, кој го истакна значењето на мастер-класот за продлабочување на соработката меѓу двата универзитета и за афирмација на долгогодишните врски меѓу Франција и Македонија. Настанот го поздрави и Игор Николов, амбасадор на Македонија во Франција и при УНЕСКО, кој изрази задоволство од соработката во високото образование меѓу двете земји.
Во рамките на церемонијата беше доделена и наградата „Фредерик Росиф 2026“ (Frédéric Rossif). Признанието му беше врачено на францускиот документарист Бертран Деле (Bertrand Delais), автор на филмови за политичката историја на Европа и на светот. Наградата традиционално се доделува во рамките на Фестивалот на Југоисточна Европа (SEE Film Festival) во Париз, Берлин и Вашингтон. „Еуропа Прима“ го организира фестивалот веќе 16 години во соработка со повеќе универзитети, промовирајќи ги кинематографиите од регионот и отворајќи простор за млади филмски автори.
Заблагодарувајќи се за признанието, Деле истакна дека Фредерик Росиф е трајна инспирација за документаристите ширум светот. Тој порача дека фестивалот потврдува оти „Балканот е срцето на Европа“, цитирајќи го швајцарскиот писател Никола Бувие.
На крајот од церемонијата, на министерот Стефан Андоновски му беше врачена Академската повелба за извонредност. Тој се заблагодари за признанието и изрази желба соработката меѓу Франција и Македонија да продолжи и во други области, во духот на обединета Европа без граници.






































