Петмина мигранти од Непал биле пронајдени во патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки при полициска контрола во Куманово. Возачот, А. И. (29) од Скопје, бил лишен од слобода.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), случајот бил откриен на 17 ноември во 22:30 часот на местото познато како „НАТО-клучка“ во Куманово. Контролата ја извршиле полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот при Регионалниот центар за гранични работи Север.
Мигрантите биле спроведени во Прифатниот центар за странци во Скопје, а возачот бил задржан во полициска станица.
Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.



































