Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во врска со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР), Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) појаснува дека статусот на осигурувањето се утврдува автоматски, врз основа на податоците за пријавите и уплатените придонеси што по електронски пат се преземаат од Управата за јавни приходи.

– Фондот не ги исклучува осигурениците рачно, ниту донесува поединечни одлуки за прекин на нивното осигурување. Истиот механизам се применува за сите правни субјекти, вклучително и за државните институции. Во моментов интензивно се работи на решавање на проблемот со здравственото осигурување на вработените во МВР и на изнаоѓање трајно решение со кое ќе се спречи повторување на ваквите ситуации. Како што претходно информиравме, состојбата е поврзана со дополнителното пријавување на вработени за претходен период врз основа на судски одлуки. Поради тоа, потребно е да се усогласат пресметките и уплатите на придонесите. Со ваква состојба во минатото се соочил и самиот Фонд, што потврдува дека постапката не е насочена кон одредена институција или категорија вработени – велат од ФЗО.

Оттаму додаваат дека на иницијатива на Фондот е формирана меѓуинституционална работна група со претставници на надлежните институции. Досега се одржани неколку работни состаноци на кои се разгледувале конкретни решенија за отстранување на причините за ваквите состојби.

– Свесни сме дека ваквите ситуации предизвикуваат оправдана загриженост кај вработените и нивните семејства. Затоа работиме на решавање на тековниот проблем и на воспоставување долгорочен механизам што ќе обезбеди поголема сигурност и непречено остварување на правата од здравственото осигурување. Очекуваме соработката меѓу надлежните институции во најкраток можен рок да доведе до конкретно и одржливо решение – велат од фондот.

Оттаму додаваат дека остануваат посветени на заштитата на правата на осигурениците и навремено ќе ја информираат јавноста за понатамошните активности и постигнатите резултати.