Со отворањето на првата самостојна изложба на уметникот Емануел Круезиу од Кавадарци, во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, беше испишана нова страница во културниот живот на градот.
Круезиу е исклучително талентиран 25-годишен уметник, роден во Кавадарци. Животниот пат го однел во Германија, каде што добил стипендија за да го заокружи своето образование од областа на ликовната уметност во Белгија. Потоа повторно се вратил во Кавадарци, каде што живее и твори.
Изложбата, насловена „Светот на Емануел“, е негово прво самостојно претставување, по учеството на групна изложба во Белгија. Воедно, ова е прва изложба на уметник од ромска националност отворена во Домот на културата во Кавадарци.
Несекојдневната изложба на цртежи обединува различни портрети, животински мотиви и фантастични композиции. Со прецизна линија, суптилно сенчање и смели колористички контрасти, Емануел ги поврзува човечките и животинските ликови и си игра со нивните размери. На тој начин, препознатливите форми од секојдневието стануваат дел од сцени во кои се преплетуваат набљудувањето и фантазијата.
Според кураторката на изложбата, Марина Убавкова, во цртежите на Емануел Круезиу реалистичното моделирање се преплетува со графичката стилизација и со визуелниот јазик на стрипот.
Лицата се градат со меки тонски премини и прецизни светлосни акценти, додека косата, крзното и пердувите добиваат текстура преку насоката и густината на потезите. Наспроти овие детално обработени површини стојат чисти контури, рамни полиња во боја и делови од фигурите назначени само со неколку линии.
Белината на хартијата го насочува погледот, внесува пауза во композицијата или создава впечаток на лебдење. Во портретите изразот се гради преку погледот и гестот. Затвореното око, раката поставена до лицето или подигнатата маска го менуваат начинот на кој го доживуваме ликот. Бојата понекогаш е сведен акцент, како жолтите обетки во монохромниот портрет со цветна марама.
Низ „Светот на Емануел“ преобразбата започнува од конкретен детаљ. Орнаментот го менува карактерот на лицето, крилото го продолжува гестот, а малиот чамец му дава монументалност на профилот. Од таквите цртачки решенија произлегува свет во кој препознатливите форми добиваат нови односи и стануваат почеток на приказна.
Изложбата го повикува гледачот да се задржи пред цртежите и да го проследи мигот во кој познатата форма добива ново значење. Еден поглед може да го промени расположението на целата сцена, а мал чамец покрај човечкиот профил да отвори простор за цела приказна.
Токму во таквите детали се препознава особеноста на творештвото на Емануел Круезиу. Прецизноста со која ја набљудува формата му дава слобода да ја преобрази, а на гледачот му остава простор да размислува што би можело да следува. М.М.


































