Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска во Собранието изјави дека не станува збор за ретроактивна примена на даночните закони и дека Управата за јавни приходи (УЈП) постапува во согласност со законските одредби што дозволуваат проверка на даночните обврски за период до пет години наназад.
Таа одговараше на прашање на пратеничката Рина Ајдари од Европскиот фронт, која обвини дека УЈП ретроактивно утврдува даночни обврски за граѓани што работеле во странство и дека најпогодени биле граѓаните од албанска етничка припадност од Полошкиот и Кумановскиот Регион. Димитриеска-Кочоска ги отфрли овие тврдења.
– Кај законите, кога станува збор за даноци, нема ретроактивност. Законот дозволува да се вратите пет години наназад. Тука нема ретроактивност. Оној што не платил данок има обврска да го плати – појасни Димитриеска-Кочоска.
Министерката оцени дека даночните прашања не треба да се поврзуваат со етничката припадност на граѓаните. Таа посочи дека првите реакции дошле од Македонци од Куманово што работеле во Авганистан.
– Не знам зошто и од оваа тема се трудите повторно да направите етнички тензии кога, на пример, првите даночни обврзници што реагираа беа Македонци од Куманово што работеле во Авганистан. Законот важи еднакво за сите. Данокот не препознава Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи или припадници на која било друга етничка заедница. Сите граѓани се еднакви пред даночните прописи – истакна Димитриеска-Кочоска.
Според министерката, УЈП во изминатиот период повеќепати ги информирала граѓаните за нивните обврски кога остваруваат приходи во странство. Таа нагласи дека Управата е надлежна за спроведување на законските постапки.
– Искрено сум изненадена од ова прашање. Прашањето е дали данокот е платен или не. Мислам дека Управата за јавни приходи во изминатиот период многупати одговараше на ова прашање и објавуваше известувања за граѓаните. Тоа што порано не се вршеле контроли, а сега се вршат, најверојатно е одлука на луѓето што работеле во регионалните дирекции – изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека тоа што во минатото можеби не биле спроведувани контроли не ја поништува обврската за плаќање данок. Според неа, УЈП може во законски предвидениот рок да ги утврди неплатените обврски и да побара нивна наплата.
– Во рок од пет години Управата за јавни приходи има обврска да утврди дали данокот е платен и, ако не е, да побара да се плати. Не се вратиле десет години, ниту шест или седум, туку пет. Верувам дека и да се врателе шест или седум години наназад, ќе имало случаи на неплатени даноци, но не се вратиле затоа што законот дозволува проверка само пет години наназад – рече Димитриеска-Кочоска.
– Ве молам, кога станува збор за даночни обврски, немојте да ја мешате етничката припадност. Сите граѓани сме еднакви во оваа држава од многу аспекти, а особено кога станува збор за даноците – изјави министерката, пренесува МИА.
































