Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека на следната владина седница ќе го отвори прашањето за експлоатацијата на песок и чакал. Најавата следува откако пратеникот Халил Снопче укажа на можни злоупотреби на концесиите и штети врз животната средина.
Одговарајќи на пратеничкото прашање во Собранието, Николоски рече дека се согласува оти злоупотребите при користењето на концесиите мора да се спречат.
– Во интерес на времето, ќе бидам краток. Во однос на првото прашање, целосно се согласувам со вас. Не смее да има злоупотреба на концесиите. Ќе реагираме на седницата на Владата во вторник. Јас ја преземам обврската да го отворам ова прашање – нагласи Николоски.
Снопче претходно посочи дека жителите на Средно, Горно и Долно Коњари со години предупредуваат на неконтролиран ископ на песок и чакал од коритото на реката Пчиња. Според него, ископот има сериозни последици за животната средина, земјоделското земјиште и водоснабдувањето во регионот.
Тој предупреди дека илјадници жители, меѓу кои и ученици, имаат проблеми со пристапот до чиста вода за пиење и побара од Владата да преземе конкретни мерки за заштита на јавниот интерес и природните ресурси.
Снопче го отвори и прашањето за издавањето согласности за формирање езера за рекреативен риболов на локациите каде што се врши ископ на песок и чакал. Според него, институциите треба да утврдат дали станува збор за рекреативен риболов или за начин да се продолжи со експлоатацијата на природните ресурси, пренесува МИА.
































