Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, рече дека полицијата првично поднела кривична пријава против осомничениот за нанесување тешка телесна повреда при семејно насилство, врз основа на доказите со кои располагала во тој момент. Откако биле обезбедени нови докази, тие биле доставени до обвинителството заедно со уште две кривични пријави. Потоа судот му одредил притвор на осомничениот, кому претходно му биле изречени само мерки за претпазливост.
– МВР поднесе соодветна кривична пријава врз основа на доказите со кои располагаа колегите во тој момент, а тоа е пријава за нанесување тешка телесна повреда при семејно насилство. Кога ќе ја добиеме првичната пријава за настанот, не располагаме со сите релевантни материјални докази. Во тој момент го имаме само исказот на лицето што пријавува. Ние како орган сме должни да ги обезбедиме сите факти и околности што одат во прилог на пријавата или ја демантираат. Поднесовме пријава во согласност со околностите што ни беа познати тогаш. Пријавата навремено беше доставена до надлежното јавно обвинителство, а лицето беше обезбедено и задржано во полициска станица. Потоа обвинителството ги доставило доказите до судот, а за тоа какви мерки изрекол судот не можам да навлегувам. Откако обезбедивме дополнителни докази, повторно го известивме надлежното обвинителство, по што судот ја донесе одлуката на која денес сме сведоци – појасни Јанев на денешната прес-конференција во МВР, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој рече дека полицијата не застанала на првичните докази во случајот во Охрид, во кој момче е осомничено дека ја претепало својата девојка.
– Вчера бевме сведоци дека судот изрече мерки за претпазливост, односно мерки за забрана за приближување. Меѓутоа, ние како полиција не застанавме тука. Работевме на документирање на целиот случај и бевме во потрага по нови околности, елементи и материјални докази. Откако беа обезбедени дополнителни докази и беше известен надлежниот јавен обвинител, судот ја промени одлуката и, по барање на обвинителството, на лицето му одреди притвор – истакна Јанев.
Тој рече дека како родител, сопруг и граѓанин го осудува секое физичко насилство, особено насилството во семејството.
– Сите ние имаме одговорност да реагираме во согласност со нашите надлежности. Но кога ќе дојде ред полицијата да дејствува, тогаш можеби веќе е доцна. Тоа е последниот момент и тогаш се знае дека во општеството нешто затаило. Затоа мора да растат свесноста и одговорноста кај сите нас и кај сите институции. Полицијата е само една алка во целиот синџир. Сите мораме активно да работиме и да придонесуваме во оваа борба, а треба да се утврди и каде се слабите алки – истакна Јанев на прес-конференцијата.
Тој рече дека сите случаи треба да излезат на виделина, а граѓаните да се охрабрат да го пријавуваат насилството и да имаат доверба во полицијата.
– Не би сакал да прејудицирам дали некој од полициските службеници постапувал во согласност со процедурите или надвор од нив. Меѓутоа, секој што ќе постапува непрофесионално, спротивно на законот и процедурите, ќе одговара и ќе бидат преземени соодветни мерки за санкционирање – потенцира директорот на БЈБ, пренесува МИА.


































