Американскиот претседател Доналд Трамп утре ќе одржи посебна средба со рускиот претседател Владимир Путин во Кина, покрај претходно планираниот трилатерален самит со кинескиот претседател Си Џинпинг. Ова за германската новинска агенција ДПА го потврдил претставник на американската влада.
Засега не е соопштен точниот термин на билатералната средба.
Трамп и Путин вечерва присуствуваа на официјалниот прием во јужниот кинески град Шенџин, организиран во рамки на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).
– Има многу прашања за разговор – изјави советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, за руската државна телевизија, во пресрет на средбата.
Украина и нуклеарното разоружување на агендата
Трамп и Путин последен пат се сретнаа во август 2025 година во Енкориџ, Алјаска, каде што разговараа за руската војна против Украина. Оттогаш двајцата претседатели во неколку наврати разговарале и телефонски.
Ушаков оцени дека трилатералниот самит меѓу Путин, Трамп и Си е значајна средба од која се очекуваат конкретни резултати. Тој посочи дека агендата сè уште се усогласува, но дека Украина би требало да биде една од главните теми.
Трамп претходно најави дека сака со Путин и Си да разговара и за нуклеарно разоружување.
Се подготвува и завршниот документ
Според Ушаков, во тек е и подготовката на завршниот документ од самитот, но клучните точки сè уште треба да бидат усогласени.
– Досега се одвива интензивна работа – изјави тој.
Ова ќе биде првпат лидерите на Кина, Русија и САД да се сретнат на заеднички самит. Руските коментатори веќе го опишаа форматот како ново „Г3“.
АПЕК обединува 21 економија, меѓу кои САД, Кина и Русија, а нејзините цели се унапредување на слободната трговија и економската соработка во азиско-пацифичкиот регион.
































