Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес за злоупотреба на службената положба и овластување и неизвршување судска одлука, во врска со случајот на Росица Коцева, која почина.
Од Обвинителството информираат дека истрагата утврдила оти полициските службеници, во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година, не постапувале соодветно по пријавите на Коцева за семејно насилство, со што, според обвинението, сериозно ги повредиле нејзините права, вклучително и уставно загарантираното право на живот.
Обвинетите се товарат за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 и „неизвршување судска одлука“ од член 377 став 5 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, полициските службеници не ги применувале соодветно законските обврски за постапување во случаи на семејно насилство, ниту правилата за процена на ризикот од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство.
Во соопштението се наведува дека, и покрај изречените судски мерки за заштита на Коцева, полицајците не постапувале по итните мерки за заштита.
Обвинителството наведува и дека дел од обвинетите, при постапувањето по пријавите на Коцева, не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат понатамошни насоки.
Наместо тоа, доказите ги чувале во просториите на ООК-ОКП Велес, без да поведат соодветна постапка, соопштија од Обвинителството.
Истражните дејствија ги спровел јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
































