„Јазикот се чува и со она што првпат ќе се изговори на него“, порача Раде Силјан на денешната свеченост во Друштвото на писателите на Македонија, на која беше промовирана неговата нова книга „Поетски облици на времето“, во издание на „Матица македонска“.

Со промоцијата беа одбележани и 40 години од објавувањето на „Пронајден облик“ (1986), првата книга со критики и есеи на Силјан.

Авторот ја истакна потребата македонската книжевност да продолжи да се развива преку нови генерации писатели, нагласувајќи ја одговорноста на веќе афирмираните автори да им дадат простор на младите и внимателно да ги читаат нивните дела.

– Сакам на македонски да се пишуваат и книгите што денес уште не умееме да ги замислиме. Да има млади луѓе што со доверба ќе пишуваат на овој јазик и ќе кажат нешто што ние не сме го кажале – рече Силјан.

Подготвувајќи ја новата книга, Силјан повторно ги читал македонските поети и ги преиспитувал сопствените критичарски судови. Некои оценки се потврдиле, други барале дополнување, а познатите стихови добивале нови значења низ искуствата и животните промени.

– Понекогаш еден стих го разбираш дури откако животот ќе те донесе до него – истакна тој.

„Поетски облици на времето“ содржи критички огледи за триесет македонски поети, како и разгледувања на постарото книжевно наследство. Во шест целини е опфатен развојот на македонската книжевност – од средновековното слово и Преродбата до поетските остварувања во 21 век.

Силјан посочи дека би го сметал за голем успех ако неговите огледи ги поттикнат читателите повторно да посегнат по одредена стихозбирка, да откријат нешто што тој го пропуштил, па и да не се согласат со неговите толкувања.

– Верувам дека на книжевноста ѝ требаат луѓе што умеат да се израдуваат на добра книга потпишана со туѓо име – порача авторот.

Говорејќи за моќта на поезијата да ги поврзува луѓето, Силјан истакна дека македонскиот збор може да допре до читатели што живеат во други земји и зборуваат различни јазици.

– Некаде некој ќе препознае своја болка во збор напишан на македонски. Во тој миг, нешто од нашиот живот ќе стане дел од неговиот – рече тој.

Оваа година се одбележуваат и 35 години од основањето на „Матица македонска“. Силјан ја поврза својата издавачка работа со надежта дека секоја книга ќе стигне до читател кому му е потребна, дури и ако авторот и издавачот никогаш не го запознаат.

За книгата „Поетски облици на времето“ говореше проф. д-р Димитар Пандев, а се обрати и ас. д-р Иван Антоновски, уредник на изданието и автор на поговорот „Мерата на времето, обликот на вредноста“.

Настанот го водеше д-р Марина Мијаковска, која го прочита и поздравот од претседателката на Друштвото на писателите на Македонија.

Осврнувајќи се на книгите што допрва ќе бидат напишани и на иднината на македонската книжевност, Силјан ја заокружи својата порака со зборовите:

– На тие идни книги им се радувам однапред. Во нив ќе продолжи и разговорот што го водиме денес. Македонската книжевност заслужува иднина поголема од нашите биографии – порача Силјан.