Фото: Пиксабеј/илустрација

Четири лица се уапсени во регионална полициска операција под сомнение за искористување деца за порнографија. Акцијата ја спровела полицијата на Република Српска во соработка со Европол и полициските служби на Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Хрватска.

Операцијата „Мозаик 2026“ била насочена кон откривање и спречување на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца на интернет, особено кривични дела поврзани со материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца.

Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, врз основа на наредби од надлежните судови биле извршени претреси на пет локации што ги користеле осомничените.

При претресите биле одземени мобилни телефони, лаптопи, УСБ-мемории, мемориски и СИМ-картички, други уреди за дигитално складирање, како и предмети што би можеле да бидат поврзани со извршувањето на кривичните дела.

Четворицата осомничени се товарат дека во одреден временски период преку социјалните мрежи споделувале и разменувале материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба и експлоатација на деца.

Постојат и сомневања дека стапувале во контакт со деца, им испраќале фотографии и ги наведувале да создаваат недозволени сексуални материјали.

Истрагата продолжува, а одземените електронски уреди и материјали треба да бидат предмет на понатамошни проверки.