Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) досега залови 96 говеда во Крива Паланка, но проблемот со добитокот продолжува. Од Агенцијата за МИА информираат дека се работи на изнаоѓање одржливо решение, во координација со надлежните институции и локалната самоуправа.
Како главни пречки во акцијата ги посочуваат непристапниот терен и опструкциите од поранешните сопственици на животните.
„АХВ спроведува активности за решавање на проблемот со говедата, односно нивно заловување, и покрај предизвиците со кои се соочува. Се работи на изнаоѓање соодветно одржливо решение, со координација и соработка со сите надлежни институции, вклучително и со локалната самоуправа“, наведуваат од Агенцијата.
Оттаму додаваат дека целта е заеднички да се преземат активности во рамки на законските надлежности на секоја институција, водејќи сметка за заштитата на здравјето на луѓето и благосостојбата на животните.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, завчера побара од Владата и АХВ да најдат законска можност за решавање на проблемот со добитокот.
Тој посочи дека граѓаните предолго трпат материјални штети, а правосилните и извршни решенија за одземање на животните, донесени пред повеќе од две години, сè уште не се целосно спроведени.
Митовски денеска, заедно со сограѓани, поднесе неколку кривични пријави поради сомневања за злоупотреба на службената положба, неспроведување на правосилните и извршни решенија за одземање на добитокот, како и загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните.
– Бараме да се испита одговорноста на надлежните службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот – напиша Митовски на својот Фејсбук-профил.
Тој информираше и дека е поднесена претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, како и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот управен инспекторат поради неспроведувањето на решенијата.
































