Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил низа слабости во информациските системи на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), особено во управувањето со ИТ безбедноста, заштитата на податоците, човечките капацитети и обезбедувањето континуитет во работењето.
Ревизијата на тема „Имплементација на безбедносни мерки и контроли во ИТ системот на Фондот за здравствено осигурување“ опфатила повеќе области од работењето на институцијата, при што биле констатирани недостатоци во стратешкото и оперативното управување со ИТ системите, проценката на безбедносните ризици, одржувањето на опремата и управувањето со пристапите до информациите.
Еден од позначајните наоди се однесува на недостигот од кадар во Секторот за информатика. Во периодот од 2023 до 2025 година, од вкупно 42 систематизирани работни места биле пополнети само седум, односно 16,67 проценти.
Дополнително, не било пополнето ниту работното место „Офицер за сигурност на информациониот систем“, позиција која има важна улога во спроведувањето на безбедносните политики, следењето на системите, заштитата на базите на податоци и координацијата на безбедносните активности.
Ревизорите утврдиле недостатоци и во обуката на вработените за препознавање и спречување сајбер-напади. Иако во јули 2023 година основна онлајн обука за сајбер-безбедност завршиле 556 од вкупно 830 вработени, во наредниот период не биле организирани дополнителни континуирани обуки.
Не биле спроведувани ниту симулации со лажни фишинг-пораки, со кои би се проверувала подготвеноста на вработените да препознаат обиди за измама и неовластен пристап до системите.
Недостатоци во одржувањето и тестирањето на системите
Слабости биле констатирани и во обезбедувањето континуирана ИТ поддршка и одржување. Анализата на осум клучни договори за ИТ услуги во периодот од 2023 до 2025 година покажала дека во одредени периоди имало временски празнини во договорната покриеност, односно периоди во кои не биле обезбедени услуги за одржување и поддршка.
Дополнително, до завршувањето на ревизијата не било спроведено пенетрационо тестирање на целиот информациски систем. Таквото тестирање е важно за откривање потенцијални безбедносни пропусти и навремено спречување на можни сајбер-напади.
Во делот на заштитата на податоците, Фондот има набавено и имплементирано систем за нивна заштита и создавање резервни копии, со можност за нивно чување и обновување.
Сепак, ДЗР утврдил дека не постои ажурирана и одобрена политика за обновување на податоците од резервните копии, ниту било извршено тестирање на процесот на нивно враќање.
Фондот располага и со секундарна локација наменета за обезбедување континуитет на работењето во случај на прекин на примарниот ИТ систем. Но, според ревизорите, потребно е дополнително унапредување на плановите и процедурите за постапување при инциденти, како и нивно редовно тестирање.
ФЗО доставил акциски план за спроведување на препораките
Државниот завод за ревизија оценува дека информациската безбедност треба да се третира како постојан процес, кој опфаќа процена и управување со ризиците, превентивни мерки, редовно одржување и надградба на системите, развој на човечките капацитети и подготвеност за справување со безбедносни инциденти.
Врз основа на утврдените состојби, ДЗР дал препораки за отстранување на недостатоците и намалување на потенцијалните ризици, со цел зголемување на сигурноста на ИТ системите, подобра заштита на информациите и непречено обезбедување на услугите од здравственото осигурување.
Од ДЗР информираат дека вршителот на должност директор на Фондот на 26 октомври доставил акциски план за постапување по наодите и препораките од конечниот ревизорски извештај.
Во документот, заведен под број 02-20186/1 од 21 октомври 2026 година, детално се наведени активностите што Фондот планира да ги преземе за надминување на утврдените слабости, одговорните лица и роковите за спроведување на препораките.
Од ДЗР очекуваат реализацијата на мерките да придонесе за поголема отпорност на информациските системи и посигурна заштита на податоците на осигурениците.


































