Кинескиот претседател Си Џинпинг го предупредил американскиот претседател Доналд Трамп дека нерешавањето на прашањето за Тајван на соодветен начин може да предизвика судир, па дури и конфликт меѓу САД и Кина. Предупредувањето било упатено за време на разговорите зад затворени врати во Пекинг, а го пренесе американската телевизиска мрежа „Си-би-ес њуз“.
Острата порака на кинескиот лидер била во контраст со јавните пофалби што Трамп ги упати за него за време на самитот. Разговорите ги откриле длабоките разлики меѓу двете сили околу Тајван, војната во Иран, трговијата и односите на Вашингтон со Тајпеј.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, во објава на социјалната мрежа „Икс“ пренесе дека Си го оценил Тајван како најважното прашање во кинеско-американските односи.
– Доколку ова прашање се решава правилно, билатералните односи ќе останат стабилни. Во спротивно, двете земји би можеле да се соочат со судири, па дури и конфликти, со што целокупните односи ќе бидат доведени во сериозна опасност – навела Мао.
Пред средбата, Трамп јавно го пофали кинескиот претседател, нарекувајќи го голем лидер и истакнувајќи дека му претставува чест да го смета за пријател.
– Вие сте голем лидер. Понекогаш луѓето не сакаат кога го велам тоа, но го кажувам бидејќи е вистина. Чест ми е што сум ваш пријател – му порача Трамп на Си, изразувајќи очекување односите меѓу двете земји да станат подобри од кога било.
Во своето воведно обраќање, Си изрази надеж дека Вашингтон и Пекинг ќе успеат да избегнат конфронтација и ќе најдат начин да ја надминат таканаречената „Тукидидова стапица“ – концепт во меѓународните односи што го опишува ризикот од војна кога растечка сила се заканува да ја замени постојната доминантна сила.
Вашингтон не ја менува политиката кон Тајван
Американскиот државен секретар Марко Рубио по разговорите изјави дека политиката на САД кон Тајван останува непроменета. Тој предупреди дека обид на Кина да го преземе островот со сила би бил „страшна грешка“.
– Тие секогаш го покренуваат тоа прашање. Ние јасно го изнесуваме нашиот став, по што преминуваме на другите теми – изјави Рубио за „Ен-би-си њуз“.
По разговорите, Си го одведе Трамп во обиколка на Храмот на небото, а потоа организираше државна вечера во чест на американскиот претседател.
Во својата здравица, кинескиот лидер оцени дека двајцата претседатели успеале да ги одржат односите меѓу двете земји генерално стабилни, и покрај сложената меѓународна ситуација.
– Остварувањето на големото подмладување на кинеската нација и правењето на Америка повторно голема можат да одат рака под рака. Можеме меѓусебно да си помагаме и да ја унапредуваме благосостојбата на светот – рече Си, алудирајќи на политичкиот слоган на Трамп.
Американскиот претседател ја оцени посетата како голема чест и денот како фантастичен. Тој соопшти дека двајцата лидери разговарале за низа прашања од заеднички интерес и најави дека Си ќе ја посети Белата куќа на 24 септември.
































