Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин одржаа билатерална средба во кинескиот град Шенжен, на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).

Пред разговорите, Трамп изрази оптимизам за средбата, истакнувајќи дека со Путин има долгогодишен однос и дека очекува од разговорите да произлезат конкретни резултати.

– Имаме прекрасен однос веќе многу години. Се познаваме долго време и мислам дека од ова можат да произлезат многу прекрасни работи. Верувам дека ова навистина ќе биде почеток на нешто позитивно – изјави Трамп.

Руската новинска агенција РИА Новости објави дека Путин му се заблагодарил на американскиот претседател на англиски јазик.

Средбата на двајцата лидери траела помалку од еден час, а на разговорите присуствувале и високи претставници на двете администрации.

Американската делегација ја сочинувале државниот секретар Марко Рубио, министерот за финансии Скот Бесент и шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер.

Од руска страна, покрај Путин, учествувале министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, претседателскиот советник Јуриј Ушаков, министерот за финансии Антон Силујанов и Кирил Дмитриев, специјален претставник за економска соработка со странски земји и директор на Рускиот фонд за директни инвестиции.

Војната во Украина беше главна тема на средбата помеѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, изјави советникот на Путин, Ушаков.

– Може да се каже дека Украина беше главна тема, истакна помошникот на Путин, додавајќи оти рускиот претседател по средбата бил „одлично расположен“.

Во меѓувреме, одржана беше и билатералната средба меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, по што е предвидена и трилатерална средба на која ќе учествува и рускиот претседател Владимир Путин.