Дипломатска офанзива под притисок на старите балкански политики
- Додека премиерот Христијан Мицкоски во Брисел се обидува да ја објасни македонската позиција за блокираните евроинтеграции, од грчка и бугарска страна повторно се активираат историските теми и старите наративи. Клучната дилема што се наметнува е дали станува збор за неповрзани настани или за добро познат балкански рефлекс кога Македонија се обидува да направи дипломатски исчекор
Секогаш кога Македонија ќе започне некаква посериозна дипломатска офанзива за деблокирање на евроинтеграциите, како по некое непишано правило, од соседството ќе пристигне потсетување дека старите балкански политики сè уште се живи. Имено, повторно ќе се појави некоја нова историска теза, некое старо непризнавање, некаква политичка провокација или обид македонското прашање одново да се врати во историските ровови.
На сето она што се случува, едноставно не може да се исклучи можноста дека сите овие активности се случуваат по некаква чудна координација. Дали навистина е така или станува збор за временски совпаднувања, тешко е да се докаже, но нивното повторување во моменти кога Македонија се обидува да ја придвижи својата европска приказна веќе станува премногу впечатливо за да биде целосно игнорирано.
Последниот пример е посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Брисел, каде што се обидува да ја објасни македонската позиција во врска со блокираните преговори со Европската Унија и да ја потсети европската политичка јавност дека проширувањето не смее да остане само декларативна заложба.
И токму во овој период од грчка страна повторно се актуализираат старите историски конструкции. На 12 ноември порталот „Ин.гр“ објавува текст за „борбата против фалсификувањето на историското минато“, потсетувајќи на напис од 1989 година и на добро познатите грчки позиции за македонското прашање. На 17 ноември, пак, порталот „Птолемаида њуз“ објавува интервју со поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, претставено со наслов во кој Македонците се нарекуваат „неисторични и неписмени скопјани“. Сосема доволно за да се види каква порака се испраќа до тамошната јавност.
Во меѓувреме, на 16 ноември, грчкиот националистички политички простор отвора и нова расправа за историските реликвии и договорот со Бугарија, со обвинувања дека грчката историја била распродадена. Иако станува збор за внатрешен грчко-бугарски спор, повторно се гледа колку историското наследство лесно се претвора во политичко оружје на Балканот.
Но приказната не завршува тука. Додека во грчките медиуми се рециклираат старите тези, на 10 ноември во Европскиот парламент во Брисел се промовира книгата на бугарскиот автор Спас Ташев „Оспорување на идентитетот на македонските Бугари“, по иницијатива од бугарскиот европратеник Ивајло Валчев. Значи, токму во европската институција во која Македонија се обидува да ја објасни неправедноста на својата блокада, се организира и настан што ја проблематизира македонската национална посебност.
Дали сите овие случувања се само случајни коинциденции? Можеби. Но дали е случајно и тоа што секогаш кога Македонија се обидува да ја пренасочи дебатата кон европската иднина, некој од соседството повторно ја враќа кон минатото?
– Наместо да се разговара за тоа како Македонија да стане дел од европското семејство, повторно се отвораат прашања за тоа кои сме, од каде сме, чија била историјата и како треба да се толкува. Како европската иднина на една држава да зависи од тоа дали некој сосед ќе ги прифати нејзините историски и национални особености. Можеби токму тоа е суштината на проблемот.
Не е спорно соседите да имаат свои ставови, ниту е спорно да се водат научни расправи. Спорно е кога историските прашања се користат како средство за политички притисок и кога се активираат токму во моменти кога Македонија бара поддршка за својата европска перспектива – велат поранешни дипломати, дел од нив на претходни мисии во Атина и Софија.
Според нив, ако овие настани не се координирани, тогаш барем се доказ дека во соседството сè уште постои силен политички рефлекс Македонија да се држи во дефанзива.
– А ако зад нив има и поширока стратегија, тогаш прашањето е уште посериозно и одговорот треба да го даде Брисел, односно уште колку долго европските институции ќе се прават дека не го забележуваат тоа – заклучуваат нашите соговорници.
Сепак доаѓаат и поинакви ставови за Бугарија
Симеон Сакскобурготски: Политичарите да се занимаваат
со европската иднина на Македонија
Покрај сите овие историски препукувања, политички провокации и обиди Македонија повторно да се врати во приказните за минатото, од Брисел пристигна и една поинаква порака. И тоа од човек што сигурно има доволно политичко искуство за да знае дека добрососедството не се гради со негирања, условувања и бескрајни историски расправии.
Имено, поранешниот бугарски цар и премиер Симеон Сакскобурготски порача дека историските теми треба да им се остават на историчарите, а политичарите да се занимаваат со практичните прашања и со европската иднина на Македонија. Неговата порака, изговорена токму во Брисел, каде што престојуваше и премиерот Христијан Мицкоски, звучи речиси како нешто што одамна требаше да биде официјална политика на Софија.
Нема ништо спорно во неговото размислување. Зарем не е нормално историчарите да ја истражуваат историјата, а политичарите да ги решаваат проблемите на сегашноста? Зарем на Бугарија не ѝ е во интерес да има стабилен, пријателски и европски сосед, наместо уште една генерација политичари што ќе се надмудруваат околу историски личности, настани и толкувања?
Сакскобурготски можеби кажува нешто што во Софија се доживува како политички некоректно, но всушност станува збор за најобична европска логика. Европската Унија не е создадена за да ги претвора историските разлики во вечни политички пречки, туку за државите да научат да соработуваат и покрај нив.
Секако, една изјава не може да ги избрише годините недоверба, ниту да ги реши проблемите што ги оптоваруваат односите меѓу двете земји. Но таа покажува дека во Бугарија постојат и луѓе што ја гледаат пошироката слика и разбираат дека Македонија не е противник, туку сосед со кој треба да се гради иднина.
Можеби токму такви гласови ѝ се најпотребни на Софија, исто како и на Атина. А уште повеќе, такви политичари што ќе имаат храброст разумот да го претворат во политика. С.Т.


































