Илустрација/Фото: Пекселс

Маж од Скопје е приведен по пријава дека физички ја нападнал својата малолетна ќерка, а охриѓанец е лишен од слобода по пријава дека ја нападнал својата вонбрачна партнерка. Во село во Радовишко е приведен 38-годишник осомничен за насилство врз сопругата. Полицијата во изминатото деноноќие регистрирала и други случаи на семејно насилство врз деца, родители и партнери.

Полицијата поднела и повеќе кривични пријави за претходно пријавени случаи на семејно насилство. Во Пробиштип е поднесена кривична пријава против 49-годишник осомничен дека физички ја нападнал сопругата, а во Куманово е пријавен маж осомничен за физички напад врз својата партнерка.

Во Свети Николе е поднесена кривична пријава против 54-годишник, кој се сомничи дека им се заканувал на сопругата и на ќерката и покрај судската забрана за заканување, малтретирање и вознемирување.

Во Охрид било пријавено дека 11-годишно девојче било физички малтретирано од својата мајка, а во Прилепско 85-годишен маж пријавил дека бил нападнат од својот син.

Во Скопје биле пријавени два одделни напада врз малолетни девојчиња. Во првиот случај, татко пријавил дека неговата ќерка била нападната со тврд предмет од својот очув. Во другиот случај, мајка пријавила дека нејзината малолетна ќерка била физички нападната од својот чичко, кој, според пријавата, употребил и тврд предмет.

СВР Штип поднел кривични пријави и против две лица од Штип поради сомнение за психичко и физичко насилство врз нивната мајка. Едно од лицата се сомничи и дека ѝ се заканувало по животот.

Од МВР информираат дека за случаите што сè уште се документираат ќе следуваат соодветни кривични пријави и поднесоци, пренесува МИА.