По 90 минути разговори во Шенжен заврши трилатералната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг. Засега нема информации за постигнат конкретен договор, ниту тројцата лидери дадоа заедничка изјава по разговорите, пренесе „Ројтерс“.
Средбата се одржа во резиденцијата „Килин Шанџуанг“, а според руските медиуми, Путин веќе го напуштил објектот по завршувањето на разговорите.
На агендата биле прашањата за нуклеарното разоружување, војната во Украина, меѓународната безбедност и спречувањето на ширењето на нуклеарното оружје.
На почетокот на средбата, кинескиот претседател Си Џинпинг повика на поголема соработка меѓу трите сили во справувањето со глобалните предизвици.
– Мораме да учиме од историјата. Тешките времиња покажуваат кој навистина е подготвен да преземе одговорност – порача Си.
Тој истакна дека Кина се залага за односи засновани врз мирен соживот, стабилност и балансиран развој, повикувајќи ги САД и Русија да дадат пример за меѓународна соработка и зајакнување на мирот.
Кинескиот претседател се осврна и на нуклеарното оружје, оценувајќи дека тоа треба целосно да биде забрането и уништено.
Рускиот претседател Владимир Путин, во своето обраќање, ја нагласи заедничката одговорност на трите држави за зачувување и зајакнување на меѓународното право.
Според Путин, Москва, Вашингтон и Пекинг имаат низа заеднички интереси во решавањето на регионалните конфликти, вклучително и војната во Украина.
– Русија, САД и Кина можат значително да придонесат за зајакнување на мирот и стабилноста – истакна рускиот претседател.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, оцени дека тројцата лидери со оваа средба „навистина испишуваат историја“.
Тој нагласи дека како претседатели на трите најголеми светски сили имаат посебна одговорност да одржуваат дијалог насочен кон конкретни резултати, особено за прашањата што влијаат врз глобалната безбедност.
Трамп ги критикуваше и претходните светски лидери кои избегнувале разговори со држави со кои имале несогласувања, оценувајќи дека одбивањето дијалог не решава проблеми.
Значаен дел од неговото обраќање беше посветен на нуклеарното разоружување. Тој посочи дека САД, Русија и Кина се во единствена позиција да разговараат за намалување на нуклеарните арсенали во светот.
Сепак, призна дека откажувањето од нуклеарното оружје е исклучително тежок процес. Како дополнителен приоритет го посочи спречувањето други држави да дојдат до нуклеарно оружје, конкретно споменувајќи го Иран.
– Нема да дозволиме Иран да поседува нуклеарно оружје – порача Трамп.
Во врска со војната во Украина, американскиот претседател откри дека претходно имал долг разговор со Путин за конфликтот. Тој изрази надеж дека и рускиот претседател и украинската страна сакаат завршување на војната.
Трамп се осврна и на Меѓународниот кривичен суд (МКС), оценувајќи дека институцијата е „вон контрола“.
Меѓународниот кривичен суд во март 2023 година издаде налог за апсење на Владимир Путин поради наводна одговорност за воени злосторства поврзани со незаконската депортација и преместување на украински деца од окупираните територии во Русија.
Налогот ги обврзува државите членки на Римскиот статут да постапуваат согласно одлуките на Судот. САД и Кина не се негови членки, па затоа немаат обврски по овој основ да го спроведуваат налогот.
На разговорите присуствуваа и високи претставници на трите администрации.
Кинеската делегација ја сочинуваа помошникот на Ши, Каи Чи, министерот за надворешни работи Ванг Ји, заменик-министерот Ма Жаошу, како и кинеските амбасадори во САД и Русија, Сие Фенг и Џанг Ханхуи.
Путин беше придружуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, советникот Јуриј Ушаков и министрите за економија, одбрана и финансии.
Во американската делегација беа државниот секретар Марко Рубио, амбасадорот на САД во Кина Дејвид Пердју, секретарот за финансии Скот Бесент, секретарот за трговија Хауард Лутник и шефот на кабинетот на Белата куќа Стивен Милер.
И покрај историското значење на средбата, останува отворено прашањето дали разговорите ќе резултираат со конкретни дипломатски чекори во однос на Украина, нуклеарното разоружување и пошироката меѓународна безбедност.































