Фото: Министерство за правда

Министерот за правда Јетон Шасивари на Втората глобална министерска конференција за елиминирање на насилството врз децата, која се одржува во Манила, Филипини, ги презентираше владините приоритети за зајакнување на законската и институционалната заштита на децата.

На вториот ден од конференцијата, Шасивари во име на Владата ги претставил планираните мерки за поефикасна превенција, подобра координација меѓу институциите и посилна поддршка за децата изложени на различни форми на насилство.

Меѓу клучните заложби се законската забрана на браковите пред навршување 18 години, унапредувањето на правната заштита од физичко и дигитално насилство, како и воспоставувањето специјализирани услуги за децата жртви.

Посебен акцент бил ставен и на спречувањето насилство во училиштата, како и на формирањето функционални меѓусекторски тимови во сите центри за социјална работа. Нивната задача би била навремено препознавање на ризиците, координирано постапување на надлежните институции и обезбедување соодветна помош за секое дете на кое му е потребна заштита.

Шасивари ги презентирал и плановите за воспоставување единствен систем за собирање и обработка на податоци, како и за развивање поефикасни механизми за заштита на децата кои доаѓаат во контакт со правосудниот систем.

Според Министерството за правда, овие мерки треба да придонесат за подобра институционална координација, поефикасно следење на случаите и навремено постапување во најдобар интерес на детето.

Министерот нагласил дека меѓународните заложби мора да бидат проследени со конкретни законски решенија и функционални институционални механизми. Тој посочил дека одговорноста на Министерството не завршува со учеството на меѓународни конференции, туку продолжува преку подготовка на поквалитетни закони, зајакнување на институционалните капацитети и создавање услови за достапна и ефикасна заштита на секое дете.

– Ниту едно дете не смее да остане незаштитено – порачал Шасивари, нагласувајќи дека заштитата на децата од насилство е законска, морална и државна одговорност.