Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја прими меѓународната награда „Excellence in Road Safety“, која ѝ беше доделена на Македонија за проектот „Безбеден град“. Признанието беше врачено на официјална церемонија во рамки на Светскиот полициски самит 2026 (World Police Summit 2026), што се одржува во Дубаи.

Тошковски оцени дека наградата претставува значајно меѓународно признание за Македонија, македонската полиција и реформите што се спроведуваат во областа на сообраќајната безбедност.

– Покажавме дека Македонија има капацитет да создава современи решенија, да спроведува суштински промени и да биде препознаена на светско ниво – порача министерот во објава на Фејсбук.

Тој нагласи дека признанието им припаѓа и на граѓаните кои ја поддржале промената и придонеле кон заедничката цел за побезбедни патишта.

Според Тошковски, наградата не е крајна цел, туку дополнителна обврска за продолжување на активностите за намалување на сообраќајните несреќи, спречување трагедии и заштита на човечките животи.

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека „Безбеден град“ претставува системски пристап кон унапредување на сообраќајната безбедност, кој ги комбинира современите технологии, законските измени, автоматското откривање сообраќајни прекршоци и дигитализацијата на постапките.

Во рамки на Светскиот полициски самит, Тошковски се обратил и пред меѓународни полициски претставници и учесници, при што ја истакнал важноста на меѓународната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици.

Тој посочил дека иако надлежностите на државните институции се ограничени со националните граници, последиците од нивното дејствување или недејствување често ги надминуваат тие граници.

Како пример за успешна меѓународна соработка, министерот ја издвоил заедничката истрага на македонската полиција и американското Федерално истражно биро (ФБИ) против нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајбер-криминал. Според него, активностите преземени во Македонија придонеле за заштита на дигиталната безбедност на граѓани во САД.

– Големината на една држава не ја ограничува важноста на нејзиниот придонес. Една навремена информација, една успешна истрага или една спречена закана можат да заштитат човечки животи далеку над нејзините граници – истакнал Тошковски.

Од МВР оценуваат дека наградата е признание за досегашните заложби на македонската полиција во унапредувањето на сообраќајната безбедност, но и поттик за продолжување на реформите, модернизацијата и примената на современи решенија во интерес на граѓаните.