Нови 45,2 милиони денари се префрлени од Централниот буџет кон Развојната банка за поддршка на инвестициските проекти на домашните компании, информира Министерството за финансии.
Со оваа исплата, вкупната поддршка што досега ја обезбедила Владата за приватниот сектор преку оваа мерка достигна 14,9 милијарди денари, односно околу 242 милиони евра.
За реализација на програмата во Буџетот се предвидени вкупно 250 милиони евра. Првата транша од средствата кон Развојната банка, наменета за поддршка на домашните компании, беше исплатена во март минатата година.
Средствата се обезбедени преку унгарската Експорт-импорт банка, со цел поттикнување нов инвестициски циклус во приватниот сектор и поддршка на економскиот раст.
Според Министерството за финансии, парите се пласираат преку Развојната банка и деловните банки до крајните корисници – домашните компании. Кредитите се одобруваат под поволни услови, со каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години.
Од Министерството посочуваат дека мерката има за цел да ги поддржи приватните инвестиции и да придонесе за зголемување на економската активност.
































