Министерството за јавна администрација доби специјално регионално признание за дигиталната платформа „PAR Connect“, на овогодинешните Награди за јавна администрација (Public Administration Awards 2026), што се одржаа во Белград.
Признанието го доделија Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) и ОЕЦД-СИГМА, а се однесува на проектот „PAR Connect – Дигитална платформа за следење на реформата на јавната администрација“.
Станува збор за дигитална алатка наменета за следење на спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, преку која се овозможува поврзување на институциите, координација на активностите и континуиран увид во реализацијата на преземените обврски.
Од Министерството за јавна администрација информираат дека платформата опфаќа околу 40 институции и речиси 200 реформски активности, овозможувајќи следење на напредокот во реално време, поефикасно известување и навремено идентификување на евентуалните предизвици.
Дополнителна вредност на проектот е можноста за негова примена и во други институции. Министерството за дигитална трансформација и Управата за јавни приходи веќе ја презеле алатката врз основа на склучени меморандуми за соработка и работат на нејзино приспособување за следење на сопствените стратешки документи и акциски планови.
Од Министерството посочуваат дека платформата придонесува реформските процеси да бидат потранспарентни, посистематични и поодговорни, со јасен увид во постигнатите резултати и обврските што треба да се реализираат.
На годинашните „Public Administration Awards 2026“ пристигнале повеќе од 100 апликации од институции од Западен Балкан и источното соседство. Проектот на македонското Министерство бил издвоен во рамки на категоријата специјални признанија, меѓу иницијативите со иновативен пристап и потенцијал за унапредување на јавниот сектор.
Од Министерството за јавна администрација оценуваат дека признанието претставува потврда за досегашните реформски активности, но и поттик за продолжување на дигитализацијата и модернизацијата на јавната администрација, со фокус на институционалната одговорност и поквалитетните услуги за граѓаните.































