Фото:МОН

Во средното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје е воведена нова програма за стекнување квалификација за специјалист за мехатроника на камиони и тешки товарни возила. Денеска со обука почна првата група од 15 учесници. Програмата е одговор на потребата на пазарот на трудот од стручен кадар во оваа област.

Програмата е развиена во соработка меѓу Министерството за образование и наука, Агенцијата за вработување, СУГС „Владо Тасевски“, Кралството Шведска, „Волво груп“ и швајцарската организација „Хелветас“. Таа е дел од неформалното образование, а учесниците ќе стекнуваат знаења и вештини преку практична обука со професионалци од индустријата.

Фото:МОН

– Средното стручно образование е една од нашите силни страни, а со вакви иницијативи го правиме образовниот систем уште посилен, пофункционален и поефективен. Особено е значајно што учесниците ќе имаат можност да добијат практична обука со поддршка на компанија од светски ранг во автомобилската индустрија. Очекувам оваа група да прерасне во квалитетен и конкурентен стручен кадар, подготвен да одговори на потребите на компаниите и пазарот на труд – истакна државната секретарка во МОН, Елена Ивановска, на промоцијата на програмата.

Ивановска изрази очекување дека квалификацијата ќе биде вклучена и во формалното образование, со што ќе им стане достапна и на помладите генерации. Таа најави дека МОН, во соработка со Центарот за развој на стручното образование и Бирото за развој на образованието, ќе работи на подготовка на соодветна наставна програма и учебник. Доколку е потребно, додаде таа, со партнерите ќе се обезбеди и дополнителна опрема за практичната обука.

Воведувањето на програмата е пример за тоа како соработката меѓу образовните институции, компаниите и меѓународните партнери може да им помогне на учесниците да стекнат вештини што се бараат на пазарот на трудот.