Министерството за образование и наука работи на реформи во сите сегменти на образованието. Младите треба да стекнуваат квалитетни и применливи знаења, но исто толку е важно да развиваат креативност, иновативност и критичко размислување, како и емпатија, етички принципи и социјални компетенции, за да бидат подготвени за работа и живот во услови на брзи технолошки промени и сложени глобални предизвици.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска, обраќајќи се на регионалниот самит „ФјучерЕкс 2026“. Таа додаде дека за светот што утре ќе биде различен од денешниот е неопходен функционален образовен систем што им овозможува на младите да стекнуваат знаења и компетенции.
– Нашата визија за образование отворено кон иднината почнува од основните училишта. Воведуваме едносменска и целодневна настава за децата да добијат повеќе време за истражување и практични активности. Сегашните основци се оние што во наредните децении ќе носат професионални, економски, научни и општествени одлуки. За да ги подготвиме, од најрана возраст треба да развиваат вештини за поставување прашања, поврзување информации и препознавање различни можни решенија. Во дополнителното време во училиште, преку истражувачки, проектни, практични, спортски и креативни активности, учениците ќе можат да експериментираат, да работат тимски, да решаваат проблеми и да ги применуваат своите идеи во практика – рече Јаневска.
Во средното стручно образование, особено преку дуалниот модел, теоретските знаења се поврзуваат со практична обука во реална работна средина. Партнерството меѓу училиштата, работодавачите и локалните самоуправи овозможува наставните програми побрзо да се усогласуваат со потребите на компаниите за стручен и обучен кадар, но и со предизвиците на зелената и дигиталната транзиција.
Јаневска посочи дека од оваа учебна година над 10.800 ученици во прва година од средното стручно образование учат според модернизирани наставни програми. Тие во сите струки вклучуваат СТЕМ-компетенции, зелени и дигитални вештини. Обука завршиле 569 наставници, а зајакната е и соработката со приватниот сектор.
Според Јаневска, средното стручно образование им овозможува на учениците да развијат практични и преносливи вештини со кои полесно ќе се приспособат на новите технологии. Предвидено е поврзувањето на наставата со практичната обука да се примени и во високото образование, преку комбинирање на академската настава со практична обука во компании.
– Со тоа студентите добиваат можност да стекнат знаења и професионални вештини што ќе ги тестираат, усовршуваат и продлабочуваат во реални работни услови. Паралелно со ова, создаваме услови универзитетите и студентите да станат активни учесници во Европскиот простор за истражување и иновации преку зајакнување на научноистражувачката дејност, учество во европски програми и меѓународни академски партнерства, како и преку соработка меѓу универзитетите, научните институции и деловниот сектор. Ова е од суштинско значење за градење општество подготвено за иднината – појасни Јаневска.
Таа додаде дека се гради и систем за доживотно учење што ќе им овозможи на работниците да стекнуваат нови знаења и вештини и да останат конкурентни на пазарот на трудот. Системот предвидува обуки, усовршување и преквалификација како одговор на промените во професиите и работните процеси.
Самитот „ФјучерЕкс 2026“ го организира Институтот за комуникациски студии. Со него се заокружува образовната програма за писменост за иднината, развиена во рамките на проектот „ФјучерЛит“, поддржан преку програмата „Еразмус+“.

































