Фото: Весник Илинден

По барање на Македонското друштво „Илинден“-Тирана!

По иницијатива на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Општина Пустец го прифати барањето нејзината официјална веб-страница, покрај на албански, да биде достапна и на македонски јазик.

Ова е значаен чекор кон унапредување на јазичните права на македонското национално малцинство во Република Албанија. Со воведувањето на македонската верзија на веб-страницата, граѓаните ќе можат да добиваат информации од локалната самоуправа на својот мајчин јазик.

Друштвото се обратило до градоначалникот, како и до претседателот и членовите на Општинскиот совет, а поднело и жалба до Комесарот за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител на Република Албанија.

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана изразува посебна благодарност до Комесарот за заштита од дискриминација за постапувањето и поддршката при разгледувањето на барањето за пристап до официјалните информации на македонски јазик. Друштвото ѝ се заблагодарува и на Општина Пустец за прифаќањето на барањето и за преземените чекори за воведување верзија на веб-страницата на македонски јазик.

Според Друштвото, овој резултат е потврда дека истрајното залагање пред институциите за почитување на правата на Македонците во Албанија може да донесе конкретни промени.

Македонската верзија на официјалната веб-страница ќе им овозможи на граѓаните полесно да доаѓаат до јавни информации и да комуницираат со локалните институции.

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана очекува Општината целосно да ја исполни преземената обврска и ќе продолжи да се залага за заштита и унапредување на националниот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Република Албанија.