Новото раководство на Лекарската комора, предводено од претседателот, проф. д-р Никола Јанкуловски, денеска ја одржа првата средба со министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, во просториите на Комората.
На средбата од Комората присуствуваа и д-р Билјана Ѓеоргиевска, претседателка на Собранието, д-р Идриз Орана, заменик на претседателот, како и потпретседателите д-р Биљана Петковска Огњанова за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска за секундарно здравство и д-р Ристо Тодоров за терцијарно здравство.
На средбата беа презентирани визијата и клучните програмски приоритети на Комората за мандатот на новото раководство. Тие се насочени кон унапредување на статусот и условите за работа на лекарите, модернизација на Комората и подобрување на квалитетот на здравствената заштита.
– Денешната средба со министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, претставува важен чекор кон градење силно, суштинско и конструктивно партнерство. Нашата цел е Лекарската комора да биде неизбежен, авторитетен и обединет глас на сите лекари, како и рамноправен партнер на институциите во креирањето на здравствените политики. На министерот му ги презентиравме нашите клучни приоритети за претстојниот период. Посебен акцент ставивме на специјализациите и на потребата тие да се приспособат на националните потреби. Верувам дека преку отворен дијалог, меѓусебна почит и стручност заеднички ќе изградиме поквалитетен и поефикасен здравствен систем, во интерес и на лекарите и на пациентите – изјави Јанкуловски.
Министерот Клековски го поздрави изборот на новото раководство и ја истакна улогата на Комората како клучен партнер на Министерството за здравство во спроведувањето на реформите и подобрувањето на квалитетот на здравствената заштита. Соговорниците разменија мислења за најголемите предизвици со кои се соочуваат лекарите и пациентите на примарно, секундарно и терцијарно ниво, разгледаа можни решенија и ги утврдија следните чекори.
Двете страни изразија подготвеност за континуиран, отворен и конструктивен дијалог и се согласија дека Комората треба директно да се вклучи во изработката на законските и подзаконските акти, како и во спроведувањето на реформите засновани врз стручност и европски стандарди.


































