Постојат бројни глобални предизвици, но добро е што Македонија е дел од разговорите и заедно со останатите држави учествува во изнаоѓањето решенија, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски од Берлин, по завршувањето на настанот организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Мицкоски оцени дека претстојната зима ќе биде тешка за цела Европа, вклучително и за Македонија, но истакна дека Владата работи на тоа граѓаните да ја поминат во нормални услови, и покрај глобалните предизвици.
-Ова ќе биде тешка зима, тешка зима насекаде во Европа, тешка зима и за Македонија. Но, она што е важно е дека ние работиме на тоа граѓаните оваа зима да ја поминат како што ги поминуваат сите зими во нормални услови, без разлика на предизвиците во светот. Иако, би рекол дека денес во светот се води тивка, трета светска војна, сепак ние успеваме да најдеме начин, да креираме стратегија со којашто ќе го олесниме стандардот на македонските граѓани – изјави Мицкоски.
На настанот, на кој се разговарало за глобалните предизвици и безбедносната состојба во светот, присуствувале и специјалните пратеници на САД за преговорите поврзани со Украина, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Телефонски се вклучил и американскиот претседател Доналд Трамп, кој информирал за својата средба со претседателите на Русија и Кина.
































