Вечерва, во 19 часот, во „Цреша бар“ ќе се одржи официјалната промоција на четвртото издание на алтернативниот стрип-магазин „Тешка машинерија“. Ова е втора година како магазинот излегува од независни средства, бележејќи импресивен раст – од мал фанзин од 16 страници, првпат промовиран на фестивалот „Стрип-трип“ во Скопје во 2025 година, па сè до денешното обемно издание со 72 страници.
Главни цели и задачи на „Тешка машинерија“ и понатаму се посветена промоција и поддршка на млади стрип-автори, сценаристи, илустратори и рецензенти. Магазинот активно го поттикнува слободниот дух и фантастичниот израз преку приказни што истражуваат различни жанрови: научна фантастика, епска фантазија, хорор, еротика, комедија и други теми. Во новото издание со свои дела се претставуваат стрип-авторите: Александар Танчевски-Танчо, Методија Стојановски, Тиа Василеска и Владимир Благојевиќ-Владодлак и илустраторите: Тијана Петковска-Тијанска, Ивана Атанасовска-Хјуспил (Huespill), Александар Сидовски–Сидо и Јован Терзиоски–Јоки. Објавена е и рецензија на Ивица Дукоски.