Фото: МИА

Со сведочење на вештото лице од областа на криминалистиката, Атанас Козарев, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој се товари за прикривање имот.

Козарев во судницата посочи дека при претресот во домот на родителите на Ристов во Неготино, извршен на 18 јануари 2026 година, не биле почитувани стандардните процедури за обезбедување и ракување со доказниот материјал. Според неговата стручна анализа, начинот на кој биле отворани, раздвојувани, означувани и пакувани алуминиумските фолии и банкнотите оставил простор за можна контаминација со биолошки материјал од други лица.

Вештакот нагласи дека во својата практика првпат се соочува со случај во кој доказни материјали од ваков вид се отвораат и раздвојуваат без соодветна постапка, по што се оставаат на подот. Тоа, според него, претставува сериозен пропуст, особено ако се има предвид дека просторот не бил форензички заштитен и на неговата подна површина можело да има биолошки траги од повеќе лица.

Посебно го истакна значењето на фотографирањето и означувањето на секоја фолија пред нејзиното отворање. На тој начин, објасни Козарев, се обезбедува можност подоцна прецизно да се утврди која фолија обвиткувала одреден сноп банкноти, како била поставена и кои биле нејзините внатрешна и надворешна страна.

Овие податоци се особено важни при ДНК-анализите, бидејќи овозможуваат секој земен брис да се поврзе со конкретна површина од доказниот материјал.

Според вештакот, доколку првичната состојба не е соодветно документирана, а фолиите дополнително се кинат, мешаат и преместуваат, станува отежнато утврдувањето од која површина бил земен определен брис. Тој оцени дека во конкретниот случај службените лица не ги примениле стандардните процедури за собирање и обезбедување докази.

Козарев посочи и дека од доставениот видео-материјал не можело да се забележи дека фолиите биле фотографирани од сите релевантни страни пред отворањето, ниту дека секоја од нив била соодветно означена. На фотографиите, како што рече, се гледале и необележани фолии кои биле во непосреден контакт со подот.

– Клучен заклучок е дека поради отсуството на антиконтаминациски мерки, доказниот материјал не бил целосно заштитен и постоела реална можност за внесување или пренос на туѓа ДНК – изјави вештакот.

Во текот на рочиштето, обвинителката Искра Хаџи Василева побара да биде прикажана видеоснимка од случај во Италија, во кој полицијата постапувала при пронаоѓање пари скриени во ѕид. И покрај приговорот, судијката Билјана Коцевска дозволи видеото да биде прикажано.

По неговото гледање, Козарев изрази зачуденост од начинот на кој постапувале италијанските полициски службеници, посочувајќи дека дел од нив носеле ракавици, додека други не.

Предмет на судската постапка се 350.000 евра пронајдени при претресот во домот на родителите на Ѓоко Ристов во Неготино. Според Обвинителството, парите не биле пријавени, а нивното потекло не било поткрепено со соодветни докази.

Од Обвинителството информираа дека паричните средства биле пронајдени спакувани во 13 одделни пакувања, во заѕидан простор во шуплините од тули во ѕидот на една од собите. Станувало збор за 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра, дел од нив со рачно испишани износи.

Ристов се сомничи дека, како службено лице и судија во Апелацискиот суд Скопје, спротивно на законската обврска за пријавување на имотната состојба и нејзините промени, давал лажни податоци за сопствениот имот и имотот на семејството, прикривајќи имот кој значително ги надминува неговите законски приходи. Обвинителството тврди дека располага со цврсти докази за сопственоста на паричните средства.

Судењето го води судијката Билјана Коцевска, а следното рочиште е закажано за 9 декември.