Просечната месечна нето-плата по вработен во Македонија во септември изнесувала 49.141 денар, што претставува зголемување од 8,1 процент во однос на истиот месец минатата година, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС).
Растот на просечната исплатена нето-плата, според статистичките податоци, најмногу се должи на зголемувањето на примањата во секторот снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и санација на околината, каде што е регистриран раст од 11,6 проценти.
Повисоки плати се забележани и во административните и помошните услужни дејности, со зголемување од 10,6 проценти, како и во секторот трговија на големо и мало и поправка на моторни возила и мотоцикли, каде што растот изнесува 10 проценти.
Споредено со август годинава, зголемување на просечната нето-плата е регистрирано во рударството и вадењето камен за 6 проценти, преработувачката индустрија за 3 проценти, како и во јавната управа и одбраната и задолжителното социјално осигурување за 2,5 проценти.
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во септември изнесувала 73.940 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
































